Македонија го прослави 21-от роденден!

Над 61 илјадна публика присуствуваше на музичкиот спектакл во Националната арена „Филип Втори“ по повод одбележувањето на 21-та годишнина од независноста на Република Македонија, на кој настапија музички легенди од Македонија и Балканот.

Концертот насловен „Македонското срце чука во 7/8“, со кој е промовиран и истоимениот албум на браќата Тавитјан, е во организација на Владата и претставува централната прослава  за Денот на независноста – 8 Септември.

На музичкиот спектакл, на кој присуствуваше и државниот врв – претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, министри во Владата и пратеници, еден од браќата Тавитјан, Гаро се заблагодари на Владата и Министерството за култура за поддршката на нивниот проект, кој има за цел зачувување на традиционалните вредности, идентитeт и култура.

– Безвременската музика и култура што ги продуцира овој простор е доказ за тоа дека Македонија е вечна и вечна ќе остане. Оваа македонска енергија патува ширум Балканот и целиот свет низ песната. Најголемите пејачи на Балканот со огромна љубов и почит ќе ги испеат нашите преубави песни. Оваа вечер сите ние од секаде и од разни нации и култури ќе бидеме Македонци, рече Гаро Тавитјан.

Официјално спектаклот  на „Филип Втори“ почна со интонирање на македонската химна во изведба на реномираниот оперски солист Игор Дурловски. Претходно публиката ги поздрави македонската параолимпијка Оливера Накова-Бикова и нејзиниот тим за извонредниот успех и освоениот златен медал и поставениот светски рекорд  на Параолимпијадата во Лондон во дисциплината „10 метри воздушен пиштол“. Олимпијката и звездите зад сцената ги поздрави премиерот Груевски придружуван од министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска.

Повеќеилјадната публика од сите генерации ги пееше преработките на старите македонски изворни песни – Не кажувај либе добра ноќ, Деј гиди луди млади години, Ој Јано, Јано, Градел Илија манастир, Сношти сакав да ти дојдам, Калеш бре Анѓо, Калино моме, Јовано Јованке, Судбо моја, Ах, каде е мојто либе, Да сум бистра вода…

По една македонска антологиска песна исполнија: Есма Реџепова, Калиопи Букле, Каролина Гочева, Владо Јаневски, Мики Јовановски – Џафер, Ристо Самарџиев, Влатко Лозаноски, Нина Бадриќ, Борис Новковиќ, Горан Каран, Аки Ракимовски, Дадо Топиќ, Тереза Кесовија, Јосипа Лисац, Сергеј Четковиќ, Јелена Томашевиќ, Антонија Шола, Александра Радовиќ, Жељко Бебек, Хари Варошановиќ, Оливер Мандиќ…

Концертот, кој заврпи со огномет, беше директно пренесуван на Македонската радио телевизија и на видео бим на плоштадот „Македонија“. Во продажба беа пуштени влезници по симболична цена од 20 денари, а сите посетители на влезот на арената го добија албумот „Македонското срце чука во 7/8“. Средствата од билетите ќе бидат дадени за хуманитарни цели.

Владата организираше и бесплатен автобуски превоз до арената „Филип Втори“ од сите општини во државата, по возен ред кој беше објавен во јавните гласила.

Владата на Република Македонија одвои средства во висина од 58 илјади евра за бина, озвучување, осветлување, како и за пропаганден материјал.