Во Македонија почна производство на камиони

Категории: Македонија, Слајдер

Велешката компанија „Брако“ започна со производство на камиони за вакуумско чистење на градските улици, како резултат на заедничкото партнерство со италијанската компанија „Биострада“. Механичкиот уличен чистач е специјално еколошко возило, чие производство, од составните делови па се до склопувањето, се одвива во погоните на Брако.

Вицепремиерот Владимир Пешевски, кој присуствуваше на промоцијата им честита на менаџерите и сопствениците на „Биострада“ и „Брако“ за успешниот заеднички проект, кој е прв проект од ваков вид во Македонија на вложување на македонската и странска компанија за производ којшто ќе се извезува на странските пазари и којшто најголем дел од додадената вредност ја има токму во Македонија.

– Се работи за технолошки софистициран производ што во себе вклучува голема автоматика, но ќе вклучува и голем број компоненти кои ќе се произведуваат во Република Македонија. Денеска дознав дека една голема акција е во тек за што поголем број од сегашните компоненти што се вградуваат во возилото  и што се од извоз да бидат правени токму кај подизведувачи во Македонија. Тоа е една од определбите на Владата македонските компании во соработка со странски компании да пренесат голем дел од тоа производство тука во Македонија, да се отвораат нови работни места, но што е уште поважно знаењата што се пренесуваат во странство да се надгледуваат и да се реализираат токму тука во Македонија, изјави Пешевски.

Тој информира дека повеќе од 20 проценти од овој производ на почетокот ќе биде за извоз и изрази уверување дека дел од овие камиони ќе ги најдеме и на улиците низ Република Македонија.

– Главната цел е сепак отворање нови работни места и зголемениот извоз што се разбира компанијата „Брако“ ќе покаже дека знае како да го прави не само во оваа автомативна индустрија, туку и за други индустрии и таа е пример за тоа како може една македонска компанија да работи не само во Македонија, туку и ширум во светот, нагласи вицепремиерот Пешевски.

Кочо Анѓушев, претседателот на Бордот на директори истакна дека „Брако“ веќе неколку години работи на производство на ова возило, но за потребите на италијанската компанија „Биострада“, соработка започната во 2011 година.

– По стекнатото искуство во производство на составните делови, отидовме и чекор понатаму со целосно производство на првиот македонски камион. Со ова Брако отвора ново поглавје во сопственото производно портфолио, а воедно отвора и нови перспективи за конкурентноста на македонското производство на странските пазари, изјави Анѓушев.

Првите камиони ќе завршат на пазарите во Катар и Италија. Возилото има висок капацитет со можност да исчисти над 70.000 м2 на час и обезбедува напредни еколошки перформанси. Користи вакуумски систем за собирање на отпадот базиран на метли што ја собираат и ја насочуваат нечистотијата кон централниот дел на машината. Целосното сузбивање на правот е постигнато преку системот за собирање и дополнително со притисокот внатре во контејнерот, генериран од турбина за вшмукување. На овој начин се постигнува максимален ефект во чистењето, а со бројните филтри поставени на патеката на движење на отпадот и внатре во контејнерот, се филтрира воздухот пред да биде испуштен.

– Биострада во своето осумгодишно постоење успеа да се наметне на пазарот за производство на камиони за вакуумско чистење. Имаме соработка со земјите од западна Европа, Јужна Америка, Азија и Африка. Веќе започнавме и соработка со армијата на САД. Може да се каже дека со одлична развојна стратегија направивме големи чекори за кус временски период. Овој денешен почеток на заедничко партнерство со Брако за нас преставува отворање на нова страница која ветува голем успех, изјави Алесандро Енџоли од италијанската компанија „Биострада“.

Компанијата Браќа Кошулчеви е основана во 1947 година во Велес, каде главно производство се приколките препознатлив бренд во поранешна Југославија. Со повторното рестартирање на компанијата во 2003 година под закрила на Групацијата Фероинвест компанијата е преименувана во Брако. Во изминатите 11 години компанијата се специјализираше во производство на жичани и лимено-цевкасти производи, медицинските помагала и производи поврзани со телекомуникациската опрема. 96% од целосното производство е наменето за извоз во 19 држави. Развојната стратегија дозволува отворање на ќерка фирма на компанијата во Панчево, Србија. Брако во моментов има 450 вработени во Велес и 70 во Панчево, а за првите 9 месеци од оваа година има зголемен промет за 13 отсто споредбено со минатата година со производство на 30.000 тони финални производи.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , ,