Македонскиот даб му дава врвен квалитет на виното

За разлика од бурињата на повеќето домашни производители, бурињата на Јолески се уникатни, бидејќи во процесот на нивното производство тој ги користи исклучиво своите патентирани изуми.

Кога пред пет години Добре Јолески, иноваторот од Кичево, почна со изработка на дрвени дабови буриња не ни претпоставуваше дека толку ќе навлезе во оваа работа, што денес не може да ги задоволи побарувањата од винарниците. Покрај личната инвентивност, тој се консултира и со еснафот, што резултира со создавање производи со светски квалитет. За разлика од оние на повеќето домашни производители, бурињата на Јолески се уникатни, бидејќи во процесот на производството ги користи исклучиво своите патентирани изуми, кои во значителна мера му ја олеснуваат работата. По професија е машински инженер, а науката целосно ја имплементира во процесот на производството.

Голема побарувачка од странство

Денес винарниците се сѐ позаинтересирани за неговиот првокласен производ, а и другите производители на буриња се интересираат за неговите над триесет изуми. Јолески вели дека има од странските компании поголема заинтересираност отколку од домашните. Неодамна доби понуда од Загреб за дури 90.000 евра.

– Изработката на буриња е повеќедецениска традиција во моето семејство, а голем број негови членови биле познати качари. Но занаетот почна да замира и до скоро никој во мојата потесна фамилија не се занимаваше со оваа дејност. Благодарение на Интернет дојдов до голем број информации и пред пет години го произведов моето прво типизирано буре барик од 225 литри, кое го користат сите поголеми светски винарници – открива тој.

Според познатиот кичевски иноватор, за успешноста на ова производство секој мора да се придржува до пропишаните стандарди, а тоа значи дебелината на штицата да биде 2,7, а ширината 90 милиметри.
– Материјалот што го користиме треба да биде од првокласен домашен даб, кој треба по сечењето во штица да одлежи најмалку две и пол години. За тоа време суровината најмалку 300 пати треба да се полева со вода, со што од штиците се истиснуваат штетните материи, што ќе придонесе виното да добие екстра-квалитет – вели Јолески.

Нашето буре е поквалитетно а поевтино

Освен производството на типизираното буре барик, Јолески има нарачки и за помали и поголеми буриња од домашни и од странски винарници.

– Покрај главниот производ – барикот, правиме и помали буриња, и тоа од 50 и 100 литри, а имаме нарачки и за макси-буриња, кои собираат од 500 до 700 литри. Зачуден сум што има многу заинтересирани винари од странство што сакаат континуирано да ги снабдуваме со буриња. Имам понуди од Русија, Украина, Хрватска, Србија, Словенија и од други земји. Засега наша приоритетна цел е произведеното буре да го пласираме на домашниот пазар – вели Јолески.

Според него, македонскиот даб има врвен квалитет и е исклучително благороден за производство на буриња.

– Одговорно тврдам дека нашето буре е далеку над квалитетот на увезеното. Но, и покрај одличниот квалитет, тоа е поевтино, чини од 300 до 350 евра, додека увезеното, кое има многу полош квалитет, се продава од 450 до 600 евра, а во САД чини дури 800 долари – додава Јолески.

Репарирање користени буриња

Тој планира да почне и со репарирање и ревитализација на веќе користени буриња преку термичка обработка и промена на оштетените штици.

– Откако термички ќе ги обработиме, ќе придонесеме квалитетот на виното што ќе се чува во нив да го задржи автентичниот вкус. Според плановите, мојата работилница треба да прерасне во индустрија за производство на буриња, а во план е и отворање самостоен погон за репарирање стари буриња.
Перспективите на овој занает се одлични, па процената ми е дека на годишно ниво ќе можам да понудам од 600 до 800 буриња, чиј пласман е однапред обезбеден – вели Јолески и додава дека добро би му дошол поволен кредит или некаков грант за поскоро да го отвори производствениот погон, што би им било од корист на нашите винарници што сакаат да создадат вино со врвен квалитет.

Зоран Антоски

Извор: Нова Македонија