Македонскиот извоз и опасноста од рецесија во Германија

Категории: Македонија

Владата, реалниот сектор и експертите денеска заеднички дискутираа како до поголем извоз. Заеднички констатираат дека сериозен проблем ќе биде евентуалното влегување на Германија во рецесија и дека треба однапред да се биде подготвен за тоа.

–  Вчера објавените статистички податоци за стоковата размена со странство покажуваат дека нашите компании најмногу извезуваат кон земјите на ЕУ, околу 65 проценти. Компаниите и експертите стравуваат од можната рецесија на Германија, која се очекува во последниот квартал од оваа, односно првиот квартал од следната година. Што и да се случи ние како Влада работиме во насока на нови пакети, нови антикризни мерки кои колку толку ќе ги ублажат последиците на кризата. И во крајна мерка ќе се обидеме да ги спречиме масовните отпуштања на работници како што се случува во Европа, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски посочувајќи дека се воспоставени сите институции кои треба да го стимулираат извозот и дека има и програми во рамки на Министерството за економија и посочи дека нивната поддршка треба да се зголеми во иднина бидејќи се соочуваме со криза во Европа која несомнено ќе ги погоди македонските компании. – Ние со сите поединечни сектори имаме средби и онаму каде можеме излегуваме континуирано со мерки и во иднина ќе продолжиме да го правиме тоа со цел овие негативни ефекти, гледано краткорочно, колку можеме да ги ублажиме. Со мерките за трансфер на технологија, подобрување на соработката меѓу научните институции и компаниите и подобрување на квалитетот на работната сила ќе влијаеме на структурно зголемување на конкурентноста на македонските компании, истакна Пешевски.

Според професорот Томе Неновски, влегувањето на Германија во рецесија ќе биде сериозен проблем со кој ќе се соочи македонската економија. – Ако германската економија влезе во рецесија, многу негативно може да се одрази доколку навреме не реагираме, зашто речиси 30 проценти од нашиот извоз е насочен кон Германија. Време е да откриваме нови пазари и да се заштитуваме, рече Неновски, кој посочи на барањата од деловната заедница, особено извозниците, за да се направи некакво компензирање на обврските и побарувањата на компаниите, како и во догледно време да се направи анализа на структурата на цената на нафтените деривати  и да се направи цена која ќе биде прифатлива и за граѓаните и за фирмите.

И Митко Алексов од Сојузот на стопански комори потенцира дека паарот на ЕУ е наш стратешки партнер за извоз и ќе остане, но како држава мора да се фокусираме кон брзорастечките економии и пазарите на земјите од третиот свет. Комората, потенцира, смета дека компаниите мора да ја зголемат конкурентноста и во услови на намалена побарувачка кај нашите стратешки пазари да го најдеме своето место. – Постојат повеќе мерки, пред се во дел на воведување иновативност, како и одредени фискални поддршки на страна на државата, особено на оние стратешки сектори што треба да ги развиваме како земјоделството, металопреработувачката, металната индустрија и текстилниот сектор, истакна Алексов.

Мендерез Кучи, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија, посочи дека сите мерки се добродојдени, но не се доволни. Како проблем со кој се соочуваат извозните компании го посочи повратот на ДДВ и оти во таква ситуација не може да се зборува за стимулативни мерки кога ова влијае дестимулативно на извозот. Меѓу проблемите кои ги наведе се и економските промотори на Македонија кои, според него, не ги промовираат вистински македонските производи.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи, како дел од текстилниот сектор посочи дека треба да се размилси на поддршка на овој сектор кој е на второ место по извоз по металургијата. Вели дека поддршката е минијатурна и посочува дека треба да се размисли на укинување на царината за репроматеријали кои ги нема во Македонија, како и на машини и опрема.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , ,