Малолетник прободен со нож, напаѓачот уапсен

policija-1

Ученик во трета година од тетовска гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ е повреден со остар предмет во тепачката која вчера околу 16 часот се случила во дворот од гимназијата каде се изведува настава на македонски јазик, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

Според неговите информации група од надвор дошла во дворот на гимназијата и најпрво започнала расправија со дел од учениците по што започнала и тепачка помеѓу двете групи во која ученикот бил повреден со остар предмет, а повеќе други лица се здобиле со повреди од тупаници.

Повредениот бил префрлен во тетовската клиничка болница и според директорот на болницата Флорин Бесими тој имал повреда на грбот од остар предмет. Му била укажана лекарска помош и, како што рече, момчето се наоѓа надвор од животна опасност. По барање на семејството тоа било префрлено во Клиничкиот центар во Скопје.

Денес е приведен 15-годишник кој се сомичи дека го извршил нападот.

– По неговото идентификување малолетникот со неговиот родител бил повикан во Полициската станица Тетово каде било разговарано со него, а нешто подоцна во неговиот дом бил пронајден и ножот за кој се претпоставува дека го употребил во повредувањето на гимназијалецот. Полицијата ножот го пронашла во фиока од бањата по што го одзела и фотодокументирала и заедно со неговата облека што ја носел вчера ќе биде даден на вештачење. Осомничениот петнаесетгодишник ќе се соочи со соодветна кривична пријава а идентификувани се и другите учесници во тепачката, изјави портпаролот на тетовската полиција Марјан Јосифовски.