Кој е меѓу еден и два, по мене! (17)

Нашата замисла беше да си близок со класните професори во средно, бидејќи според дефиницијата на еден голем бизнисмен: … „демократија било, да си близок со власта“, со една временска дистанца, ние бевме „демократи“ уште од 1976 година.

„Шенлија* ѓуптин в час ата* го најдујт“ велит брат ми, а ние бевме бааѓи шенлии тоа време …….. Прва година средно, ранг листа на „кецароши“, нормално наше комплетно учество во нив. Ај што не учевме (како 1), туку и бегавме (и 2) од „досадните часови“. Врти, сучи едно време, сите досадни излегоа. Мораше да се најде чаре. И го најдовме.

„Позајмивме“ печат од доктор во Струга преку наша „испостава“, браќата М & Б таму, па го „редизајниравме“. Имавме еден (не)откриен талент по уметност и фалсификаторство од тајфата, па така од Гоце Донески го „инвертира“ печатот во Доне Гоцески. Бланко рецепти имавме „снабдено“ на залиха. Ќе напишеше „уметникот“ дијагноза со нечитки, развлечени букви на рецептите, во смисол ROLINGSTONEES, колку да завршува на ES, IS ….

Класниот ни беше професор по Латински јазик. Понеделник, класен час. Ќе извадиме од рецептите дека сме биле отсутни од часови поради болест, ќе ја погледнеше дијагнозата и ќе речеше: ….. – „20 години, предава Латински, ваква дијагноза не су видел до сега“ / Е кај ќе видиш ко не си по Рок музикава … ќе се искикотиме во себе. Беше итар, градски мангуп, увиде каква е работата, му се допаѓаа нашите уметнички лаги, па не зеде „под закрила“. Aма и тој имал есап* со нас.

Серијал текстови посветени на Кичево некогаш: „Ако појдам во чаршија“

Градеше заедничка, голема куќа – деленица со брат му. Тоа време, не беше како сега се на тацна, требаше да уплатиш пари за цемент, тули, блокови однапред 2 – 3 месеци, па ќе ти се јават од Цементара Усје – Скопје или Киро Ќучук – Велес, утре чекај го шлеперот. Ни „поднајави“ дека ко ќе му стигнеле шлеперите ќе требало да се ангажираме и да одбереме силна екипа, за да не плаќа работници за растовар. Ами ние едвај чекавме компензација: … „Дај ми го – на ти го“ за да си тераме после по „линија на помал отпор’’ . Час по Латински, 5 минути, 10, го нема. И бувна наеднаш в клас, обраќајќи се: …. „КОЈ Е МЕЃУ ЕДЕН И ДВА, ПО МЕНЕ“ / Каде ?!! / Дојде шлеперот со блокојте !!! и направи гестикулација со десната рака во ист стил како во партизанскине филмови, кога се преминува во контранапад и кога командантот прв излегува од ров и командува: … „За мном“ …….. … „А ние што имаме чисти кецој професоре, Ние“ ???!! …. се јави една друга, така позамашна група од увредени, неспомнати. …. „Вие ко ќе дојт шлеперот со циментото, разбираш“ !!! P.S. Па и не била баш така тенка линијата помеѓи кец и двојка !!!

Шенлија* од Турскиот јазик = весел, подвеселен …… (Х)Ата* од Турскиот јазик = грешка, несреќен исход …… Есап* од Турскиот јазик = сметка

Пренесува и раскажува: Марјан Стојаноски – Мако