Богот Меркур од село Кладник

Статуетката е најдена случајно во шеесеттите години во месноста Корита, село Кладник. Потекнува од римскиот период. Изработена од лиена бронза. Висока е 6 сантиметри. Поставена е на конусно профилирано постоље, во стоечка положба.  Тежината на телото му почива на десната нога. Десната рака е спуштена покрај телото и во неа се наоѓа ќесе. Преку левото рамо префрлена е наметка која паѓа на раката, свитка на во лактот, а над рамото се наѕира горниот дел од каудицејот. На главата има петасос со високо поставени крилца. Целата статуетка е површно претставена така да градните мускули и наметката се изведени со врежување, а очите со точкасти врежувања.

Задната страна е исто така површно обработена. Таа е прво лиена, а подоцна деталите се доработувани со турпија и алатки за гравирање. Претставува груба изработка за масовна продукција наменета за романизираното сиромашно население.

Кој е Меркур

Грчкото божество Хермес, откако ќе биде преземено во римската религија под името Меркур, ќе се рашири во римското општество, зафаќајќи ги припадниците на повисоките слоеви, а подоцна и пониските.

Меркур според митологијата на Стариот Рим бил син на Јупитер, бог на овчарите, стадата, патниците, трговијата, итрината и кражбите, како и на говорништвото и поезијата. Грчкиот еквивалент, како што споменавме, му е Хермес, син на Зевс и татко на Пан. Меркур станал посредник меѓу боговите и луѓето. Најчесто се прикажува со лик на момче со крилја на нозете или на капата и со гласнички стап во рацете.

Пронаоѓањето на ваква статуетка во ова село го покажува неговиот континуитет на опстојување повеќе од 2 милениуми.