Милошоски: Грчката дипломатија е мајстор на Балканот за изнаоѓање изговори!

Категории: Македонија, Слајдер

Каква било јавна расправа може да му наштети на преговарачкиот процес за името што се води по диплломатски канали, реагира поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски на ставот на американскиот дипломат Филип Рикер.

Во интервјуто за Сител Милошоски смета  дека јавно дебатирање за кој и да е предлог значи повторно спуштање на македонските позиции во преговорите.

Милошоски бара Американската администрација да вложи напори Грција да ги почитува меѓународните договори, времената спогодба или пресудата во Хаг.

За Грчката дипломатија смета дека е мајстор на Балканот за изнаоѓање добри изговори, а сигналите што доаѓаат од Атина покажуваат дека Грција нема да го прифати ниту последниот предлог на Нимиц.

Господине Милошоски, претставникот на Стејт Департментот, поранешниот амбасадор на САД во земјава, Филип Рикер, низ дипломатски речник ни порача дека треба да отвориме јавна дебата за најновиот предлог на Нимиц  што, де факто, би водело кон референдум. Дали тој предлог, доколку сте запознати со него, е нешто што е прифатливо за Македонија или се работи за уште еден предлог за македонската страна да биде ставена пред свршен чин vis-à-vis позицијата на Грција?

Во последниве 20 години сметам дека неколку предлози коишто дојдоа од страна на господинот Нимиц од македонската страна добија позитивен сигнал, но за жал тоа не’ доведе до поголема конструктивност од грчката страна, туку само поместување на позициите на Република Македонија, без да се стигне до прагматичност од страна на Атина. Било каква јавна расправа, според мене, за секој предлог, прво, може да му наштети на самиот процес бидејќи овој процес се води по дипломатски канали и тоа е една од добрите страни на процесот затоа што може посериозно да се разговара, и втората работа е што кој и да е предлог доколку јавно се дебатира во Македонија, тоа ќе значи само спуштање повторно на македонските позиции до одредена сегашна граница која што ја има замислено господинот Нимиц и без било каква гаранција дека истиот чекор ќе го направи соседна Атина.

Мислам дека американската дипломатија во изминативе неколку години се труди да вложи притисок и внимание на ова прашање, но за жал, поголем притисок става на Република Македонија. Би требало да биде обратно. Би требало Република Грција  да биде таа од која што ќе се побара поголема одговорност за ова прашање бидејќи очигледно е дека клучот на решението и создавањето на самиот проблем е во официјална Атина.

Бевте министер за надворешни работи. Дали имате сознанија дека било каков предлог од сите досегашни медијатори досега бил прифатен од страна на Грција?

Од страна на Грција досега не се сеќавам на некој предлог кој што бил прифатен освен на оние кои самата грчка страна си ги предлагала за самата себе си. Во овој случај кога се работи за капацитетот на американската дипломатија, сметам дека ќе биде многу попродуктивно доколку се вложат напори Грција да ги почитува превземените договори. Или времената спогодба или пресудата од меѓународниот Суд на Правдата во Хаг. Доколку не ги почитува превземените обврски, ние не можеме да бидеме сигурни дека било кој иден договор ќе биде почитуван од страна на Грција во следниот период.

Дали Грција може да си направи оправдување пред домашната јавност со оглед дека тие го креираат проблемот  дека се принудени да ги почитуваат и договорите и пресудите па на тој начин да се направи отстапка во преговорите, односно да се придвижи процесот напред?

Грчката дипломатија е мајстор на Балканот за изнаоѓање на оправданија. Има добри изговори за да не се стигне до добро решение.

Изговорот на владата на Караманлис беше дека има само еден пратеник за мнозинство во парламентот и не може да преземе поголеми обврски. Но и таа влада падна.

Изговорот на владата на Папандреу беше дека тоа е почеток на грчката криза, не се знае како ќе заврши економски и дека неможе да преземе обврска да го реши ова прашање. И таа влада падна.

Изговорот на сегашната влада на Самарас е дека поважно е им е да се грижат за опстојувањето на Грција во еврозоната, да не банкротираат и дека затоа не можат да преземат поголема обврска.

Затоа сметам дека досега превземените обврски на Грција треба да бидат предмет на разговори и да се натера Грција да го почитува тоа на што сме се договориле.

Премиерот Груевски потенцира и јасно кажа дека референдумско прашање за решавање на спорот за името претходно треба да биде прифатено од Грција со гаранција дека ќе го почитуваат  тоа. Дали во тој случај Рикер наведува на такво решение?

Мислам дека според сигналите што се добиваат од Атина и она што може да се сублимира како нивни изјави за последниот предлог на господинот Нимиц, нема простор за голем оптимизам дека Грција ќе даде зелено светло за последниот предлог на медијаторот. Одат на таа тактика на одолговлекување. Грција и овој пат ќе обиде да најде изговор на прашањето да не одговори конкретно и да не одговори во потребното време за да може да биде прекасно за било каков пресврт на јунскиот самит и да остане следната шанса во декември. Следната година, од јануари, Грција го почнува претседателството со Европската Унија и тогаш мислам дека ќе имаат и поголема улога и поголема одговорност, но, за жал, јас сум песимист дека Самарас ќе сака да го реши проблемот со името со Република Македонија.

Извор: Сител телевизија

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , , , ,