Милошоски: Зошто парите за греење на кичевските училишта Општина Кичево ги троши за други намени?

Пратеникот од Кичево, Антонио Милошоски во врска со прекинот на наставата во две кичевски училишта по повод немањето на греење, денес постави пратеничко прашање  до министерот за образование, Спиро Ристовски.

Милошоски посочи на ненаменското трошење на средствата кои општина Кичево ги добива од министерството за образование токму за греење на училиштата, а истите од страна на општината се пренаменуваат за исплата на плати на дополнително вработени наставници од други кичевски училишта:

-Општината Кичево уредно добива блок дотации од Министерството за Образование за основните училишта. Според информациите кои ги имаме, блок дотациите за основните училишта во Кичево, не се користат наменски и како што треба, и дека дел од тие блок дотации, наместо за греење на училиштата, се користат за исплата на плати на дополнително вработени лица во некои други основни училишта. Проблемот е голем, училиштето „Кузман Јосифоски – Питу“ штрајкува, наставниците и учениците веќе неколку дена не посетуваат настава, а од денес и основното училиште „Владимир Полежиноски“ исто не посетуваат настава, затоа што блок дотациите наменети за греење на овие училишта, не се наменети за таа намена и постапката на општината во овој дел е крајно непринципиелна и го доведува во прашање и наставниот процес  на самите училишта, правото на учениците да следат настава во оваа година и го прекинува нивното образование, рече Милошоски

Со самото тоа што наместо за греење, средствата кои општина Кичево ги добива од државата ги троши своеволно за сосем други потреби на грбот на децата, Милошоски побара истрага за тоа како се трошат средствата. На крајот на своето излагање Милошоски побара итно решение на настанатиот проблем со греењето.

-Сметам дека треба да поведете сметка да се направи една истрага како се трошат блок дотациите и во најитно можно време да се реши овој проблем со немањето на греење во основните училишта „Кузман Јосифоски – Питу“  и „Владимир Полежиноски“  во Кичево и да се излезе во пресрет на учениците  и на наставниот кадар за да ја продолжат школската година, дополни Милошоски.

Министерот Ристовски во својот одговор рече дека Министерството презема обврска во најскоро време да се разреши ситуацијата и дека ќе биде поведена истрага за тоа како се трошат средствата кои државата ги пренесува на општината за загревање на училиштата.

Кичевските училишта „Кузман Јосифоски – Питу“  и „Владимир Полежиноски во кои наставата ја посетуваат претежно деца од македонска националност веќе неколку дена немаат парно греење, а учениците и наставниците се оневозможени да ја следат наставата.

 

Exit mobile version