Милошоски: Изградбата на автопатиштата ја има најголемата поддршка помеѓу граѓаните (ВИДЕО)

Категории: Кичево, Слајдер

Пратениците во рамките на 74. собраниска седница расправаат по Предлог законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на автопат Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.

Изградбата на новите автопати на овие делници треба да се реализира со поволен кредит преку кинеската Ексим банка, со рок на отплата од 20 години, пет години грејс период и каматна стапка од 2 процентни поени.

Првиот автопат што ќе се гради на релацијата Скопје-Свети Николе-Штип ќе чини 206 милиони евра,  а автопатот Кичево-Охрид 374 милиони евра. Во договорт има и одредба со која се предвидени десет проценти за дополнителни непредвидени работи.

Автопатот Скопје-Штип ќе биде во должина од 53 километри со широчина од 29 метри, односно ќе има по две коловозни ленти од двете страни и една дополнителна лента за застанување. Рокот за изградба на таа автопатска делница е три години. Автопатот Кичево-Охрид, пак, во должина од 56,7 километри, ширина од 27,5 метри, треба да биде изграден за 45 месеци.

Проектот  ќе биде финансиран десет проценти со пари од македонската Влада, 90 проценти преку исклучително поволен кредит од страна на кинеската Ексим банка.

-Автопатот Кичево – Охрид ќе ја подобри инфраструктурата безбедноста и инвестиционата клима во овие краишта. Автопатот Скопје – Штип исто така ќе значи ангажирање на работна сила, ангажирање на македонски фирми, инвестирање. Градењето на овие автопатишта ќе значи истовремено и давање на додадена вредност во Бруто-домашниот производ на Република Македонија. Тоа значи дека 105 километри на автопатишта ќе почнат да се градат во времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ, со срдечна, но сепак цинична поддршка од Социјалдемократскиот сојуз за кој што закон ќе гласаат пратениците денес. Овие автопатишта имаат поддршка, не само во парламентот, туку и од граѓаните на Република Македонија – истакна пратеникот од Кичево, Антонио Милошоски.

Патиштата треба да овозможат полесно поврзување на целата држава и да дадат поддршка на локалниот економски развој, и пред се полесно патување за граѓаните до главниот град и до главните туристички центри пред се до Охрид и се што значи поврзана индустрија со оваа автопатна инфраструктура.

– Владата на Република Македонија со овие проекти прави огромен чекор и ако до вчера главните напади беа зошто не се инвестира во патната инфраструктура и не се градат автопатишта, сега се бара начин да се девалвираат овие проекти, но неможе да се девалвира тоа што ќе почне да се гради, ќе се гледа, ќе се користи и ќе остане засекогаш, сопственост и напредок на Република Македонија. Граѓаните ќе ги оценуваат овие проекти, не само секојдневно туку и на избори. Изградбата на овие автопатишта дополнително ќе ја засилат довербата на граѓаните во институциите кои што прават вакви развојни проекти – додаде Милошоски.

Пратеникот Илија Китаноски направи споредба помеѓу автопатот Кичево – Охрид и автопатот Бжежов – Тарнов во Полска, типот на земјиштето, материјалите, инфраструктурните карактеристики и чинењето:

– Во Полска автопатот Бжежов – Тарнов чини 7 милиони евра по километар. Овој автопат се наоѓа во чисто рамничарски предел. Автопатот Кичево – Охрид кој се наоѓа во планински предел чини 6,7 милиони евра по километар. Тој има клучка „Кнежино“, 6 надвозници, 13 подвозници, 15 вијадукти долги  над 150 метри, 7 вијадукти пократки од 150 метри, 7 армирани бетонски мостови под 150 метри.

Седницата е сеуште во тек и се очекува во текот на денешниот ден со големо мнозинство да бидат изгласани законските измени со кои ќе се даде зелено светло за изградба на двата големи инфраструктурни проекти наредната пролет.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , ,