Мултимедијални средби во Демир Хисар

 

 Музичко – сценски и изложбени изведби, ликовни креации, средби со родители, спортски натпревари и уште многу други изведби на учениците и наставниците, ќе бидат дел од годинашното одбележување на патрониот празник на средното општинско училиште и 140 годишнината од раѓањето на Крсте Петков Мисирков, кодификаторот на Македонскиот јазик.
Еднонеделното чествување започна денеска во аулата на училиштето. Во присуство на градоначалникот Љупчо Блажевски, директорот на училиштето Кире Ристевски, наставници, родители и ученици, денешниот прв перформанс го започнаа првите луѓе на училишната заедница, претседателката Ана Ангелевска и нејзината заменичка Викторија Мурговска. Се редеа интересни и оригинални изведби и уметнички креации на учениците преку кои беше претставен животниот и научниот пат на патронот, историјатот на училиштето, но и карикатуријалната претстава на животот на дел од најконтроверзните личности во историјата на човештвото.
– Од денеска нашето училиште ќе го промовираме како комплексен динамичен систем и како установа која ќе продолжи да претставува важна општествена институција. Во овој процес, вклученоста на родителите е многу поважна за успехот на училиштето отколку самото училиште – рече покрај другото директорот Ристевски промовирајќи дел од идеите за поголема и понепосредно учество на родителите во наставните и воннаставните училишни активности.
Со многу новини во начинот на одбележување на патрониот празник од кои повеќето првпат се организираат, свеченостите ќе продолжат наредниве денови, а ќе финишираат на 18ти октомври со свечено предавање во употреба на наставната шума.