Во недела јавно избирање на 1600-те социјални случаи кои ќе бидат вработени во Македонски шуми

Во недела на Македонската телевизија ќе се изврши директно компјутерско рангирање на најдобрите 1.600 апликанти кои ќе бидат вработени во државните институции и органи согласно огласот за вработување на лица од социјално ранливи категории објавен од ЈП „Македонски шуми“. Пријавени се повеќе од 20.000 апликации.

Како што информира на денешната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, на овој начин ќе се обезбеди силна транспарентност на процесот на избор заради елиминирање на влијанија од човечки фактор и протекционизам, односно ќе се овозможи правичност на самиот процес. Пријавени се, додаде, над 20.000 апликации, а директниот избор ќе претставува финално, прво, основно и потесно рангирање.

– На овој начин со вработување на 1.600 граѓани од социјално ранливи категории Владата исполнува едно ветување и заради специфичната ситуација и положба на овие лица на пазарот на трудот и отежнатите можности за вработување дава поддршка за нивно вработување. Тоа е на линија на социјалната правда и правичност за вработување на овие лица. На тој начин им помага да обезбедат лична егзистенција, егзистенција за своите семејства и да биде задоволена социјалната правда и правичноста коишто се и уставни категории во Република Македонија, рече Ѓорѓиев.

Тој додаде дека изборот ќе биде извршен согласно објавените критериуми и опфаќа четири групи на лица и тоа долгорочно невработени лица со повеќе од 10 години без работа, лица од многудетни семејства, самохрани родители и еднородителски семејства и невработени лица од семејства каде нема ниту еден вработен. За секоја од овие категории се предвидени по 400 вработувања при што во рамките на секоја група има вработувања за лица со ниски квалификации, со средна стручна подготовка и за лица со високо образование.

Во периодот меѓу 17 и 20 часот изборот ќе биде извршен од компјутерски електронски софтвер кој ќе содржи податоци за апликантите собрани на три начини заради обезбедување транспарентност и правичност на процесот. Првиот вид се податоци кои самите апликанти ги навеле во обрасците што ги имаат доставено до ЈП „Македонски шуми“. Вториот вид се податоци со кои располагаат државните институции (УЈП, ФПИОМ и Агенција за вработување), а кои се обезбедуваат по службена должност и третиот тип се собрани од специјализирани тимови на институциите кои извршиле теренски посети на поедини апликанти за да ја утврдат веродостојноста и точноста на наведените податоци.

Лицата кои ќе бидат најдобро рангирани ќе бидат наведени по име и презиме, а по јавната селекција сите тие ќе бидат и писмено известени за резултатите.

Ѓорѓиев потенцира дека во самиот процес на овој проект испочитувана е правичната застапеност на етничките заедници во бројот од 1.600 вработувања во сооднос со учеството на етничката заедница во бројот на населението во државата. Лицата кои нема да бидат избрани од софтверот ќе имаат можност за жалба до Второстепена комисија, како и право да поведат управен спор. Лицата, пак, кои ќе се најдат меѓу 1.600-те првично ќе бидат вработени во ЈП „Македонски шуми“, а потоа дел од нив ќе останат на работа во ова јавно претпријатие, а другите дел ќе бидат преземени во други институции согласно нивните потреби за што методологијата ја изработува Министерството за информатичко општество и администрација.