MAAMOOOО!!!…(16)

При крајот на 60 – тите до половината на 70 – тите години, во кината од градот имаше наплив на филмови со вампирот – Гроф Дракула. Штотуку дојден во новото маало каде што и денес живеам, постарите веднаш ме „ставија на проба“ !

Во кино „Партизан“ се прикажуваше филм со Дракула. Веднаш подразбравме како деца (имав 6 – 7 години), дека некое чудовиште – вампир цица крв од жртвите и дека спасот бил убивање со глогов колец на спиење. „Мечка страв, мене не страв ама ко го видов“ ……… Филмот изобилуваше со психоделична музика, која покрај сцените со темнина, ноќ, измешани бои од пурпур, крв, тропот на коњски трк, врискања навистина правеше во сите нас помалите да се чувствуваме уплашено. Можеби јас половина филм, не го гледав оти ги обарав очите при страшните сцени (имаше премногу), ама знам мои другари што не кренаа глава цел филм, оти беа супер страшливци. И поарно така …

Серијал текстови посветени на Кичево некогаш: „Ако појдам во чаршија“

Заврши филмот и се враќаме дома поголема група од маалото. Неколку постари од нас (по 5 – 8 години) беа со нас како „водачи“. Приметувајќи дека ние помаливе сме сериозно „начнати“ од филмот, отворија тема за капаче на вечерта. ….. „ Е сега ко ќе дојме кај Општинана“ (онаа улица што оди директно во старине гробишта) ќе си гледаш, летаат плочи од гробојне, карти играат мртовцине на гроб, ќе светит од сите страни од гробојне, ќе не пречекат некој од мртовцине“ ….и се така китење на муабетот …….Како да беше малку од филмот, пак уште и „ова“ ни требаше ……..Не оти ни требаше, ама си правеа ќеф постарите, уживајќи да гледаат како се .ериме од страв. Појдовме некако до првата „Шумска зграда“ (карши Општинана) и на другиве деца им олесни оти повеќето живееа тука. Тие го пребраа гајлето, ама мојата куќа беше на 80 метри од тука. Не е многу ќе рече некој, ама патчето тесно, обрастено, светло ни за илач …… Никако не ми се одеше сам, се поразмислив и се „снајдов“, викнав посилно МААМОООО, излезе мајка ми на тераса, и реков да ја запали сијалицата и куршум се најдов дома, „спасен“ од сите страшила во вечерта. Се скапаа од смеење сите и долго време после ко ќе ме видеа постарите ќе ми подвикнеа МААМОООО …………

P.S. Долги години после, ми требаа дрва за огрев (крндели) со сеча од шума, ама потешко беше за дозвола. Разбрав дека еден од манипулантите – Дуле Мијакот кој беше еден од постарите таа вечер, имал право да даде дозвола, му се добрав до канцеларијата под пенџере во Ш.С. „Лопушник“ и му викнав оригинал МААМОООО ……и работата завршена со најслатки смеења, дангари, евоцирања на спомени.

Пренесува и раскажува: Марјан Стојаноски – Мако