Започна изградбата на Македонска Православна Црква во Загреб

Категории: Свет, Слајдер

Со пригодна свеченост во неделата (26 октомври 2014) во Загреб, Република Хрватска беше означен почетокот на изградбата на новиот храм на Македонската Православна Црква кој ќе го носи името Света Злата Мегленска. На свеченоста присуствуваше поглаварот на МПЦ, Г.Г. Стефан, претседателот на хрватскиот Сабор, Јосип Леко, министерот за Надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски  и голем број на Македонци кои живеат и работат во Хрватска.

Со светата архиерејска литургија чиноначалствуваше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во сослужение со митрополититот европски г. Пимен и митрополитот кумановско-осоговски г. Јосиф.

Архиепископот Стефан упати благодарност до хрватските власти за разбирањето и потребите на македонската заедница и нејзините верници.

– Ова е темел на толеранцијата, разбирањето и почитувањето во Хрватска и на задоволство на секој нејзин граѓанин, истакна Јосип Леко.

Министерот Попоски истакна дека заемната соработка во однос на негувањето и поддршката на сопствените национални заедници кои живеат на територијата на двете земји е на исклучително високо ниво, а со претседателот на хрватското Собрание Леко, се согласија дека македонската заедница во Хрватска претставува особено успешен пример за тоа како треба да се гради и развива меѓусебниот однос на малцинските заедници со државите во кои живеат, но и односот и врските со државата од каде потекнуваат.

– Историјата не е само минато. Секоја генерација добива обврска да доврши некој проект кој претходните генерации го започнале. Затоа, за нас денеска претставува посебна привилегија што на денот на патронот Света Злата Мегленска, токму ние ја имаме честа и благословот со темелите на оваа Црква, да го започнеме проектот за зацврстување на духовната сплотеност на Македонците од Осијек, Сплит, Загреб, Пула, Задар и Риека, но и на секој друг добронамерен верник, потенцира Попоски

Тој посочи дека негувањето и поддршката на националните заедници кои живет во двете земји е на многу високо ниво.

– Третманот на Хрватите во Македонија и Македонците во Хрватска се цел кон која треба да се стремат во друга средина, а не само на Балканот. Може да сме среќни со така високо ниво на интеграција и поддршка, нагласи министерот Попоски.

Секретарот на Заедницата на Македонците во Хрватска, Елизабета Петровска, потсети дека во Загреб, верниците на МПЦ се собираат на свети литургии уште од 1993 година.

На настанот присуствуваа и високи гости од хрватскиот и македонскиот верски, политички и културен живот.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , ,