Новата МТВ стартува од недела

Категории: Македонија, Слајдер

Македонската радио и телевизија во ново и модерно издание по примерот на светските телевизии. Разновидна и богата програма, стари докажани и нови ликови, ново современо студио.

-Искрено се надеваме дека новите телевизиски ликови, емисии, квизови, серии, но и од корен сменетиот лик на Дневникот ќе бидат вистински магнет за гледачите. Вложуваме многу труд и енергија за да го вратиме сјајот на националниот сервис – рече директорот Марјан Цветковски денес на брифинг со новинарите.

Тој додаде дека за таа цел се ангажирани сите расположливи капацитети на МТВ зајакнати со неколку нови имиња кои се истакнати професионалци во својата област.

– Секој ден на МРТ ќе биде посебен за гледачите кои се љубители на информативните емисии, за оние кои сакаат повеќе да гледаат серии и за оние кои се обожаватели на интерактивни шоу емисии. Најсовременото  студио, квалитетниот новинарски кадар и ексклузивните содржини ќе бидат дел од сечиј дом, рече Цветковски и додаде дека голем приоритет ќе биде и враќањето на програмата од сопствена продукција на екраните на МРТ, како и враќање на сите лица кои придонеле за развојот на МРТ.

Покрај централниот дневник со вклучувања во живо и најнови информации, на репертоарот на МТВ наскоро ќе се најдат и најгледаните серии, филмови, спортски натпреварувања.

Уредник на информативната програма на МТВ1 е Горан Петрески. Дневникот со новиот лик в недела во 19:30 часот ќе го отворат презентерите Бранка Станковска и Благоја Крстевски, со што, како што рече Цветковски, сакаат да покажат континуитет и дека се не почнува од сега. Емитувањето на останатите нови програмски содржини на МТВ ќе започне од понеделник.

Во недела во 19:30 часот официјално ќе се промовира новиот лик на телевизијата. Новото издание на дневникот, новите уредници и новата техника на едно место ќе ја покажат визијата за квалитетен дневник.

Детска програма

Телевизијата која некогаш беше пример за тоа што треба децата да гледаат на телевизија, најавува нова и богата детска програма. Освен студиска програма за деца, на МТВ ќе се емитува и играна програма за најмладите. Дополнително, МТВ ги откупи правата на најгледаните цртани филмови и истите наскоро ќе ги емитува синхронизирани на македонски јазик.

Македонски народни приказни и домашна серија

Ако за најдобра македонска продукција се симбол старите добри приказни снимени во Македонија, МТВ е местото каде Македонските народни приказни ја раскажаа македонската приказна. Истите, се враќаат во МТВ, со стариот изглед во нов квалитет.

МТВ распиша конкурс за играна програма на македонска серија. Конечно, Македонија ќе добие висококвалитетна домашна серија.

Нови ТВ серии и филмови

Истрага на местото на злосторството (Лас Вегас, Мајами и Њујорк), Озборувачка, Натприродно, Менталист, Фринџ, Семејни убиства…Ова се само дел од најпознатите светски сериски филмови кои ќе се емитуваат на националната телевизија.

Лиценцирани светски шоуа

МТВ ја доби лиценцата за мегапопуларното ТВ-шоу „Танцување со ѕвездите“, која ја откупи од Би-Би-Си.

 

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , ,