На Дојчиновци од Ижишта другото име за чест и углед на тие простори (51)

Beregovo2

Работеле како пекари, во тогашна Австро – Унгарија, во Берегсас (Берегово), Ужгород, Мукачево, денес во составот на Украина, 50 км. од границата со Унгарија. Опслужувале со леб и пецива грофовија (тогашна комунална поделба на власт) од 28 000 луѓе. Составот на населението во таа грофовија, бил разнолик, најмногу Унгарци, Евреи, Украинци и моите предци како единствени Македонци.

Во времиња на небиднина, погром на Евреите и нивното депортирање по разни логори, доаѓале кај дедо ми, и му оставале се што имале највредно, со зборовите: …„Ако се вратиме живи, знаеме дека ќе биде пак наше, а ако не алал ти го прајме”. Собрал многу злато, и други драгоцености ! Нели е доволно човек како мене да спознае, дека поседувал таков предок кој иако доселен и нестароседелец во таа грофовија, се стекнал со таква доверба кај месното население, па му оставиле во аманет најскапоцено, длабоко знаејќи дека ако навистина се вратат живи (не се вратиле), се ќе им биде вратено.

Серијал текстови посветени на Кичево некогаш: „Ако појдам во чаршија“

Што треба да поседува еден човек, пекар, за да се стекне со таква доверба ? Се она што го поседувал, мојот дедо, углед, чест, семејни вредности, домаќин, еснаф и човек со најголеми доблести ! Зошто на никој од староседелците не му оставале ништо Евреите ? Оти дедо ми, во системот на вредности за еден човек, бил на пиедесталот. Спечалил: 2 фурни, куќи, хотел со 32 соби, имот и цела улица со дуќани, се остана во сегашна Украина. Овде, една куќа 12 х 18 м, со 12 простории и бродски под, раритет во тоа време во село Ижиште ! Куќа во Кичево, во сокак до кафеана Самба, каде се родив, дуќан поранешна Газела (веднаш карши дом Кочо Рацин), недвижен имот во ниви од преку 160 тагари (1 тагар = 2000 m), плевни, амбари итн.

Во еден ден, со наредба на властите во тогашниот СССР, национализирано му е се! Вкочанет, парализиран од нанесената неправда е донесен во Македонија, каде и умрел во 1958 година. Оставил аманет, насијет, кој го пренесуваме и почитуваме: …„во партија, учество не” „Комунизмот богатите ги прајт сиромашни, а сиромашните пак сиромашни” ….Ако не ми го одземаа богатството, цело спечалено со чесна пот, внуци и правнуци да не работеа ништо, ќе живееја комотно” !

Само мал процент од неговите духовни вредности, достоинство, морален интегритет што ги поседуваме во нашата крв, е доволно за еден човечки живот. Од тоа не сме отстапиле никој, ама баш никој. Непознато е за моето пошироко семејство, пијаница, коцкар, лажго, нечесен. Колку само сум горд на моите роднини, внуци, син, што ги наследуваат највредните генетски својства на моите предци ! Му должев на мојот предок – дедо еден ваков запис, тоа е најмаку за него, што го правам во моментов, пишувајќи за една печалбарска човечка судбина !

Пренесува и раскажува: Марјан Стојаноски – Мако