Се претвора ли Напредок во македонска Барселона?

Се чини дека брзо се имплементира на зелениот терен она што од Напредок беше најавено пред почетокот на зимските подготовки, а по заминувањето на одличниот напаѓач Марко Симоноски, дека ќе се бара нов начин на игра приспособена спрема квалитетот на фудбалерите и нивната конституција.

Тоа најдобро го потврдуваат убедливите победи од 5-0 и 5-1 против Охрид и Дрита, во двата тест-натпревари зимава. Напредок со голема леснотија постигнува голови и неговата брза и комбинаторна игра како Барселона е нерешлива загатка за противничките одбрани. И уште отсега слободно може да се каже дека кичевскиот прволигаш полека но сигурно се претвора во компактна и квалитетна фудбалска целина.

– Нашите најави дека играта во пролетниот дел ќе ја приспособиме во согласност со постојниот играчки потенцијал, нивните квалитети и физички предиспозиции, добива своја валоризација. Брзата и комбинаторна игра им задава на противничките одбрани многу проблеми и таквата игра тешко ќе се парира, што од друга страна очекуваме да ни носи добри резултати во пролетниот дел. Десетте гола на само два меча ни даваат за право да веруваме дека сме на вистинскиот пат и дека полека но сигурно од Напредок создаваме екипа што ќе биде способна да оствари добри резултати и на Стариот континент. За разлика од есеноска, напролет ќе играме со засилен среден ред, каде што имаме повеќе фудбалери што ќе можат да направат превласт на средината на теренот. Токму таа супериорност во средниот ред ќе ни овозможи брза транзиција и лесно доаѓање до противничкиот гол, што ќе придонесе многу полесно и почесто да ги тресеме противничките мрежи – рече тренерот на Напредок, Драган Бочевски.

Зоран Антоски

Извор: Нова Македонија