Напредок добива нови пресоблекувални

Паралелно со остварените резултати во есенскиот дел од сезоната, кои Напредок го промовираа во еден од претендентите за евросцената, кичевскиот прволигаш и инфраструктурно зачекори кон Европа, откако почна комплетната реконструкција на соблекувалните и санитарните јазли на стадионот.

До крајот на јануари клубот ќе добие нови најсовремени простории, според критериумите што од нашите клубови ги бара Европа.

– При овој зафат комплетно ќе бидат заменети старите плочки во сите простории, ќе се монтираат нови бојлери, кои ќе бидат поврзани и на соларни панели, а целосно ќе биде монтиран и нов инвентар, со што ентериерот во нашите соблекувални ќе ги задоволи и највисоките стандарди за ваков вид објекти. Со поставувањето на соларните панели, во текот на летниот период ќе имаме топла вода, без притоа да трошиме електрична енергија. Сето тоа надополнето со ресторанот од 80 места на стадионот, со што нашиот клуб ќе се вброи во екипите што поседуваат најдобри услови за нормално функционирање – рече Кочо Зердески, спортскиот директор на Напредок.

Зоран Антоски

Извор: Нова Македонија