Напредок во полн состав започна со зимски подготовки

Како што беше и најавено, Напредок во оптимален рок ги започна зимските подготовки, со цел да избори и прв европски излез.На првата годинешна прозивка беа сите фудбалери од есенскиот дел, како и двете зимски засилувања Кристијан Димовски и Филип Мирчевски.

Присуството на комплетниот состав на Напредок е најдобар демант, на она што го пишуваа некои анти напредоковски расположени гласила, дека кичевскиот прволигаш ќе остане без најдобриот состав, бидејќи повеќето фудбалери ќе се преселат во други т.н.поголеми клубови од нашиот фудбал.

-Како што можете и сами да забележите сите фудбалери се тука и тоа е најдобра потврда дека со целокупниот играчки потенцијал ќе ја започнеме пролетната полуетапа, а тоа го зголемува и оптимизмот, дека ќе бидеме состав што ќе ги расипе сметките на повеќето фаворити во лигата.

Што се однесува до планските задачи за овој подготвителен циклус.Во првата недела ќе работиме еднаш дневно на нашиот стадион, а главен акцент ќе ставиме на подобрување на физичката издржливост на фудбалерите.Потоа до заминување во Охрид ќе работиме двократно, што ќе ни овозможи и повеќе работа со топка а тоа надополнето и со катадневно уигрување на екипата.Неможам со сигурност да потврдам кои екипи ќе ни спарингуваат оваа зима,но уште од сега повеќе клубови бараат да одиграме пријателски натпревари.Стартот е ветувачки а така мислам дека ќе протекне и целиот подготвителен циклус-рече Драган Бочевски ,тренерот на Напредок.

Зоран Антоски

Извор: http://www.sportefe.com.mk