Напредок со две нови засилувања за напролет

Спротивно на многуте информации дека Напредок зимава ќе остане без половина екипа, фудбалскиот прволигаш од Кичево го задржува есенскиот костур, а веќе се засили со играчот за врска на Металург, кој е отстапен на шест месеци, додека пред потпис со кичевци се наоѓа и еден прволигашки стопер.

Засега единствено останува празно местото на шпиц, кое ќе биде пополнето до почетокот на зимските подготовки.

– Официјално можам да ви потврдам дека Ристе Маркоски и во пролетниот дел ќе го носи дресот на Напредок, а информациите дека Филип Најдовски заминува во Металург ги демантираат и од скопскиот прволигаш, и потврдуваат дека засега нема ни почетни преговори на релацијата Најдовски – Металург. Што се однесува до играчките засилувања кај нас, готова работа е доаѓањето на играчот за врска од Металург, Димоски, а привршуваат преговорите и со засилувањето на стоперската позиција, чие име ќе го објавиме за ден-два. И покрај големиот интерес на повеќе познати играчи да го засилат нашиот напад, сепак останува отворено прашањето кој ќе го предводи форот на Напредок во пролетниот дел од сезоната, по враќањето на Марко Симоновски во матичниот клуб Металург – рече Кочо Зердески, спортскиот директор на Напредок.

Зоран Антоски

Извор: Нова Македонија