Нимиц: немаше напредок во разговорите и нема нов предлог за решение

Категории: Македонија

Посредникот во разговорите за спорот за името амбасадорот Метју Нимиц изјави дека не е постигнат напредок во разговорите кои се водеа во вторникот и средата во Њујорк за решавање на спорот за името. Нимиц рече дека на средбата со преговарачите Васко Наумовски и Адамантиос Василакис не дал нов предлог за решавање на спорот, туку дека двете страни разговарале за некои од идеите кои биле дадени во минатото.

– Разгоаравме за состојбата на преговорите, за суштинските прашања, за спорот за името, за разните пристапи кон неговото решавање. Двете страни ја повторија својата искрена желба да се реши ова прашање, да развиваат добри односи и мир и стабилсност во регионот. Знаеме дека ова е многу тешко прашње. Денес немаше постигнат напредок, но решени сме да ги продолжиме разговорите во следните месеци. Разговаравме за некои идеи од минатото, до која мера би можеле да успеат, а до која треба дополнително да се дотераат, изјави амбасадорот Нимиц по завршувањето на едно и пол часовните разговори во зградата на Обединетите нации во Њујорк.

Освен што кажа дека се дискутирало за некои од идеите кои биле разгледувани и во минатото, амбасадорот Нимиц кажа дека и самиот дал предлози до двете страни каде би можеле да покажат повеќе флексибилност. Тој ги повика учесниците во разговорите да ги пренесат ставовите на другата страна до своите Влади, и изрази надеж дека сега и Македонија и Грција имаат подобро разбирање во кои точки лежат потешкотиите за другата страна. Дознаваме дека од македонската страна било повторено барањето да се интензивираат разговорите меѓу Македонија и Грција, како и било повторно изразена македонската подготвеност за средби на високо ниво, кои би помогнале да се надмине спорот. Грчката страна овој македонски предлог веќе подолго време го одбива.

Прес конференцијата помина во знакот на упадот на грчки новинар, кој уште при пристигнувањето на амбасадорот Нимиц и двајцата преговарачи, целиот возбуден се обидувал на Нимиц и на Василакис да им раскаже дека токму денес е постигнато големо откритие во археолошките ископувања во грчкиот локалитет Амфилополис, кои и грчкиот премиер Андонис Самарас неодамна ја посети со голема новинарска свита. Грчкиот новинар потоа и го праша посредникот Нимиц дали истражувањата во Амфилополис докажуваат дека Македонија е грчка, но посредникот ја отфрли оваа теза, велејќи дека посетил многу археолошки локалитети и во Македонија и во Грција, кои сведочат за големината на древната македонска цивилизација.

– Сакам да одам на археолошки локалитети, сум бил на многу вакви места и сум видел многу археолошки богатства во многу делови на регионот, вклучително и во двете овие земји, како и насекаде низ светот. Многу ја сакам археологијата, така да охрабрувам натамошни археолошки истражувања и не се сомневам дека повеќе ќе дознаеме за древните Македонци кои имаат дадено голем придонес за светската цивилизација, изјави Нимиц, кој единствен им се обрати на новинарите по завршувањето на разговорите со Наумовски и Василакис.

Посредникот во разговорите дополнително изрази полно уважување за тешкотиите со кои се соочени Македонците и Грците, како два стари историски народи, велејќи дека решението од спорот мора да биде во меѓусебно уважување и почитување.

– Ова се две соседни земји соочени со проблем кој има длабоки историски корени, и се две земји кои ќе мора да живеат заедно до крајот на векот, освен ако тектонските плочи се поместат и ги разделат. Но, за тоа треба да минат милиони и милиони години. Значи ќе мора да живеат заедно и да научат да се прилагодат на потешкотиите кои се случуваат кога историски народи поинаку гледаат на историјата, изјави Нимиц, додавајќи дека односите меѓу Македонија и Грција и не се така лоши. Амбасадорот Нимиц рече дека се работи за две земји кои имаат воспоставено дипломатски односи, трговијата и движењето на луѓето течат непречено, како и меѓусебните инвестиции. -Ова не е ситуација како на Блискиот Исток, заклучи Нимиц.

Според Нимиц, членки на Европската Унија се многу заинтересирани да се најде решение на спорот за името, бидејќи тоа влијае врз проширувањето на Европската Унија и ги попречува преговорите на Македонија со ЕУ. Македонија годинава повторно, по шести пат доби позитивна препорака за почнување на преговорите од Европската Комисија, но се очекува дека Грција сигурно ќе го блокира отворањето на преговорите на ниво на Европскиот Совет, и покрај препораката на Комисијата дека двата процеси, спорот за името и македонските преговори за членство во ЕУ, може да се одвиваат паралелно.

На самиот крај, посредникот Нимиц, кој две децении се носи со македонско-грчкиот спор, беше запрашан дали и лично е изморен од неговата улога.

– Ова е навистина тешко прашање, секоја година Генералниот Секретар на Обединетите нации ме прашува дали сакам да продолжам да го правам ова уште една година. Досега велев да, но обично се консултирам со двете страни, и ги прашувам тие дали сакаат да продолжам во оваа улога и дали мислат дека тоа е корисно. Мислам дека досега ова беше процес кој помогна да се најде начин да се реши спорот, независно дали е решението можно или не. И независно дали и јас ќе се уморам еден ден и ќе се пензионирам или не , и јас сум смртен, и тоа е можно да се деси еден ден, заклучи Нимиц.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , ,