Опаѓа нивото на Треска

Критичната фаза од февруарските поплави во кичевско помина и сега преостанува да се сублимираат штетите, што зад себе ги остави надојдената Треска.

Жителите од селата Бигор,Доленци,Староец,Вранештица,Челопеци,Атишта,Лисичани и Пласница кои гравитираат по течението на реката Треска,секојдневно го снимаат теренот, во очекување водата да почне да се повлекува и да почнат да планираат што понатаму со поплавените површини.

-Се што беше под есенски посеви е упропастено, бидејќи не само што водата го упропасти родот, туку и калта нанесена во големи количини придонесе  да  не очекуваме никаков род за оваа година-велат жителите на село Лисичани.

Инаку малку оптимизам влева намалувањето на нивото на реката Треска.

-Според мерењата кои се вршени на мерното место кај Македонски Брод, реката Треска својот максимум го достигна на 26.02. кога беше измерен проток на вода од дури 70 метри кубни вода во секунда и нивото на реката се искачи на кота 253 см.Во текот на вчерашниот ден се бележи намалување на нивото на реката, при што се измерени 50 метри кубни вода во секунда, за во текот на денешниот ден на истото мерно место бидат измерени 38 кубни метри во секунда, што е речиси двојно помала количина на вода од критичниот вторник . Тоа намалување на количините ќе продолжи и следните денови, бидејќи не се најавуваат нови врнежи од дожд –информираа од Регионалниот центар на Д.З.С.

Надојдените води на реката Треска значително го оштетија и мостот на регионалниот пат Кичево-Прилеп во близина на село Бигор Доленци.Истиот е значително пропаднат,столбовите се искривени и ако  навремено не се санира, во блиска иднина истиот ќе се сруши.

Зоран Антоски

Извор: Нова Македонија