Се собираат донации за обнова на црквата „Св. Спас“ во Владимирово

Иницијативниот одбор за обнова на опожарената црква „Св. Спас“ во Владимирово на синоќешниот собир со жителите од селото ги договори деталите за обновување, односно повторна изградба на еден од најстарите и најубави црковни објекти во Малешевијата.

Присутните беа информирани дека во Комерцијална банка е отворена сметка за собирање донации од фирми и институции и прилози од физички лица. Меѓу првите донатори се најавени роднокрајците Благоја Ханџиски и Снежана и Љубчо Георгиевски, како и Фондацијата д-р. Михаил Левенски.

Одборот упати апел до сите жители и иселени од Владимирово да го помогнат обновувањето на црквата во која се крстени и венчани тие, нивните родители, баби и дедовци.

– Веруваме во солидарноста и трудољубивоста на нашите роднокрајци и сигурни сме дека со заеднички напори ќе го повратиме сјајот на црквата „Св. Спас”, радост и гордост на Владимирово и на Малешевијата, е пораката од средбата на Иницијативниот одбор.

На состанокот беше истакнато дека меѓу изгаснатите делови од храмот во олтарскиот дел се пронајдени остатоците од стопениот златен крст, тежок околу два килограма.

Од надлежните органи уште нема официјално соопштение за причините за пожарот во кој изгореа старите и многу вредни икони, црковни книги и сакрални предмети.