Официјално: Проблемот со греењето и со превозот е решен, од понеделник на настава

Владата на вчерашната седница донесе одлука со која ќе биде решен проблемот во кичевските училишта, каде настава не се одржуваше поради фактот што немаше греење.

Имено, Владата обезбеди 50 тони нафта за греење и 10 тони нафта за превоз.

Како што информираше заменик-министерот на МОН, Спиро Ристоски, подготвена е и програма на кој начин ќе се дополни наставата која учениците ја пропуштија поради проблемот.

-Нафтата е доволна за следниве два месеци. Општината треба да ги почне сите подготовки кои се однесуваат на набавка на нафта за второто полугодие. На еден начин се обезбеди нафта за овие два месеци, а се обезбеди нафта и за превоз на учениците со обврска за општината. Сакам да апелирам да не се создаваат заблуди и да не се доведуваат учениците на било какви недоразбирања по однос на досегашната состојба, Бирото за развој веќе ја има подготвено програмата со која овие училишта ќе работат, рече Ристовски.

Постои можност да се подготви скратена програма за да се дополни пропуштеното. На тој начин, рече Ристовски, нема проблемот да падне на товар на учениците кои не беа виновни за тоа.

Учениците од понеделник ќе се вратат во училишните клупи.

Exit mobile version