Охридско – Дебарското востание од 1913 година

Категории: Кичево, Кичевско, Слајдер

Милан Матов со четата

Заборавеното и забранетото Охридско-Дебарско востание во југозападниот дел од Македонија од септември 1913 година, еден месец по Букурешкиот договор.

ВМОРО во соработка со вооружените македонски Албанци креваат востание против српските војски. Ова е веројатно првиот воен сојуз помеѓу ВМОРО и Албанците. Востанието добива тајна поддршка и од штотуку формираната албанска држава. Во денешната македонска историја допрва ќе се истражува, исто како и Тиквашкото востание, кренато 3 месеци претходно.
Поради политички и идеолошки причини овие востанија биле забранети и осудени да бидат заборавени. Само за нивно споменување, луѓе можеле да бидат и убиени од режимот кој владеел потоа. Додатна причина е што во неговото подготвување учествувале личности кои се историски жигосани како контроверзни. Сепак, ова неуспешно востание оставило длабоки и неизбришливи траги во меморијата на обичниот народ.И самиот град Кичево бил ослободен во текот на востанието. По неколкудневната слобода, српските војски навлегуваат во градот и ги убиваат највидните граѓани и членови на фамилиите кои биле поврзани со македонската револуционерна организација. Бројот на мртвите е неколку десетини.
МИРНИ ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ДА НЕМА НАТАМОШНО КРВОПРОЛЕВАЊЕ

Имало иницијативи кои биле испраќани од бегалците кои го напуштиле овој дел на Македонија. Во него се зборува за тортурите на кои било подложено македонското население на едно ново многу потешко робство отколку Турското владеење, овој пат под власт на Србите и Грците и дека Букурешкиот договор е многу голема грешка. Оваа иницијатива од преку 150 000 бегалци била доставена до Едвард Греј председател на Лондонската конференција, и до полномошните министри на Русија, Англија, Австро-Унгарија, Италија и Франција во Софија. Несомнено сите Македонци, без разлика на нивото на самосвест, биле свесни за погубноста на договорот од Букурешт.

Втора иницијатива со цел да се спречи натамошно крвопролевање, направила тричлена делегација составено од професорите Љубомир Милетич, Иван Георгов и Александар Балабанов кои во името на Ц.К. на ВМРО на властите на влијателните европски држави од тоа време им ја изложиле погубноста на Букурешкиот договор. Европските власти не пројавиле никаква волја за ревизија на договорот…

Веројатно одамна се спремале Македонија да им служи како паричка за поткусурување за придобивањето на интересите на балканските земји за големата воја која ќе отпочне веќе следната 1914 година…

ОХРИДСКОТО ВОСТАНИЕ, ВОЕН СОЈУЗ ПОМЕЃУ ВМРО И АЛБАНЦИТЕ ЗА ПРОТЕРУВАЊЕ НА СРПСКИТЕ ВОЈСКИ

Охридското востание многумина и не знаат оти воопшто се случило. Било затскривано зад сцената, пред се од идеолошки причини. Моите кичевчани, а и сите во Македонија треба да знаат многу добро за него (а ретко кој воопшто знае за него). Се случило во септември 1913 година, на само два месеци по крваво задушеното Тиквешко востание во кое биле убиени повеќе од 1200 луѓе од српската војска и домашните соработници на српските власти и еден месец по потпишувањето на катастрофалниот Букурешки договор. На чело на востанието застанале охриѓанецот Петар Чаулев и стружанецот Милан Матов, брат на Христо Матов. Биле ослободени Охрид, Струга, Дебар и Кичево во содејство на четите на ВМРО и на албански востаници. Востанието имало тајна поддршка од младата албанска држава. Биле формирани тела со мешан состав.

Еве што напишал војводата Петар Чаулев во своите мемоари:

„Во Дебар востанието веќе беше кренато. Ноќта на 11 септември окружниот управител Кирковиќ се извлече од градот заедно со митрополитот Варнава и со другите чиновници и се упати кон Охрид. Гледката беше колку пријатна, толку страшна, кога гледа човек како разјарениот народ од сите околни села, вооружен кој со што имал, трча кон градот и оттаму кон село Горенци каде очајно се бореа српските војници. Секој беше уверен дека победата е на страната на народот, не само затоа што беше поброен од војската, туку и затоа што беше мотивиран и беше готов да се фрли во оган, макар и со празни раце.

Дебар ликуваше, Македонското знаме се вееше на секој прозорец. Двеста-триста заробени србски војници тивко без никој да ги вознемирува, ги водеа низ градот. Други ги прибираа убиените и ранетите меѓу кои видов еден офицер, кој, според сведочењето беше погоден со седум куршуми. Народот весело и гордо се движеше по улиците и секој се загледуваше по ќошињата со цел да најде некој убиен војник и да му го земе оружјето.“

Идејата на востанието било да го сврти вниманието на светската јавност за направената грешка со Букурешкиот мировен договор со кој Македонија е поделена помеѓу соседите. Планот бил самото востание да биде посериозно подготвено, но по се изгледа револтот од населението кон новите окупатори бил преголем и едноставно вивнал. Требало да се крене во Октомври наместо во Септември. Требало да обезбеди и посериозна помош од штотуку формираната албанска држава (1912 година). Револуционерот Милан Матов тоа време престојува во Албанија каде се обидувал да воспостави сериозни врски со албанските власти и да обезбеди што поголема поддршка од нив. Еве што тој пишува во своите мемоари:

„Така минуваше мојот престој во Елбасан, во постојана грижа за создавање организација со довчерашните непријатели и во подготовка на еден метеж чии рамки не се гледаа. Тоа траеше до ноќта меѓу 12 и 13 септември кога ме разбудија силни викотници: ‘станувајте веднаш, во Македонија се крена востание’. Дури неможев да поверувам оти подготвителните мерки дадоа толку брзи резултати“

Почетокот на востанието било многу случаен. Една чета вооружени Албанци налетала на српска единица кај селото Епискупија и се судриле со нив. Гласот за овој судир набргу се проширил по што населението едноставно се кренало на оружје. Србите се повлекле од Дебар и тоа е веста што дошла до Матов. На прашањето на албанскиот министер, христијанин, Лев Носи и Сакиф паша, што да се прави, Матов кој тие деноови бил во нивно друштво одговорил:

„Нема потреба од многу мислење. Веднаш треба да се поткрепи започнатото востание со луѓе и оружје, а политички, со јасна поддршка на албанската држава“

Ја добил нивната согласност, но не и согласноста на Исмаил Кемал бег кој се плашел од ризикот за војна со Србија на која младата Албанија не била подготвена. Но сепак понудил секаква тајна поддршка на востанието во пари, луѓе и оружје против Србија во Македонија. Со ова е ставен неформален печат на веројатно првиот историски сојуз помеѓу ВМРО и Албанија, бидејќи сметале оти во тоа време имаат заеднички непријател во експанзионистичка Србија.

Матов по ова се подготвува за на пат, назад во Македонија порачувајќи им на своите албански домаќини, нарекувајќи ги ‘албански пријатели’, да се подготват самите, а со тоа и градот за прием на многу бегалци. Ова наишло на чудење кај Албанците бидејќи верувале оти нема да се дозволи повторно заземање на ослободените територии од Србите. Но околностите биле сосем поинакви и за остварување на овие желби, според Матов, биле потребни 300 000 луѓе под оружје. Албанците верувале оти Европа ќе ги одврати Србите од поход кон изгубените територии, но тоа било само наивно размислување.

Во ослободениот Дебар набргу била воспоставена револуционерна власт од двајца Албанци и еден Македонец, Али Пустина, Риза беј и Христо Атанасов. На 13 септември востаничките чети влегуваат во Охрид. За ова во своите мемоари Чаулев пишува:

„Од пред извесно време се обединивме со Албанците и со македонските Албанци, но тие како народ се лесно избувливи, па избрзавме со востанието. За востанието не сме виновни ние, колку србските предизвикувачки дејствија, кои едноставно беа неиздржливи. На 1 септември народот очекуваше да се отворат училишта, но видовме дека тоа веќе не се наши. Црквите опустеа зашто никој не сакаше да влезе во нив кога ќе чуеше дека внетре има србски поп, а посебно не сакаа да чујат за владиката Варнава. Кога се случи анексијата, Србите ги разурнаа сите џамии. Трговијата сосема опусте. Нашиот селанец порано купуваше ока сол за еден грош, сега треба да даде шест гроша. За нецела година народот оголе. Нема работа тука но никого не пуштаат да оди во странство. Неколку србомани во градот се се’ и сешто. Казните и тепањето станаа сосема вообичаена работа. Честа и животите на луѓето се во рацете на тие луѓе.“

Чаулев бил против заземањето на градовите, но неможел да ја спречи желбата на востаниците. Самиот тој бил еуфорично дочекан со радосни извици во родниот Охрид пред насолбаните толпи народ.

Матов кој во тоа време бил тргнат кон Струга пишува:

„Четниците се одмораа, а јас напишав еден повик до населението на реонотсо што го поканив да се крене на оружје и да се присоедини кон нашиот одред. Се собраа повеќе од 200 луѓе макар лошо вооружени. Благајникот на четата, Абдула, го извади од ранецот албанското знаме, црвена боја со црн орел и го закачи на еден стап на кој имаше и цвеќе. Кога се приближивме кон Сруга го посоветував да стави една полумесечина од жолта тенеќија, бидејќи голем дел од населението ја немаше заборавено турската власт и не е навикнат на албанскиот орел. Кога минавме крај селото Враништа, кое беше христијанско, кон нас се приклучија многумина од месното население. Луѓето почнаа да ме прашуваат што сме ја развеале таа црна кокошка, мислејќи на албанскиот орел и нели е подобро наместо неа да го развееме црвениот лав? Јас се свртев и погледнав: освен старите другари, во одредот сите други беа луѓе кои порано ме гонеле во потера, но сега ситуацијата налагаше заедно да се бориме против поробувачот“.

ВОЕНИ ДЕЈСТВИЈА

По првичниот успех во Битола почнуваат да се собираат србските војски. Војводата Чаулев наредува востаниците најнапред да го ослободат Кичево, а потоа да тргнат кон Битола. На пат кон Кичево, востаничките војски се судруваат со веќе настапувачките српски војски и во месноста Петрино (меѓу Ресен и Охрид) водат огорчена битка која трае две деноноќија, 17 и 18 септември. Овие позиции ги бранат војводите Антон Шибаков и Нестор Георгиев. Подоцна србите ја пробиваат оваа позиција но со големи жртви на обете страни. Петар Чаулев во исто време води огорчени битки со Србите кај село Иванчишта, кичевско во регионот Копачка. Тука ги разбива Србите по што на 17 септември востаниците влегуваат во ослободеното Кичево. Цела територија од Дрим, Охридското езеро, до Кичево е слободна!

На 18 септември востаниците одат на југ кон Галичица каде последно ќе се судрат со српско-грчките војски.

ЗАДУШУВАЊЕТО НА ВОСТАНИЕТО

Во струга Матов се сретнал со својата мајка. Куќата била толку преполнета со луѓе што старите греди почнале да попуштаат. Оттаму заминува кон Охрид каде се среќава со градските првенци кај стариот Чинар. Тука се среќава со Павел Христов, член на Битолскиот револуционерен округ и еден од петте члена на охридската револуционерна власт. Тука Матов ја објаснува реалната слика на востанието и дека првичните успеси се само поради првичната паника создадена кај Србите, како и дека не очекува било која држава да се вмеша во овие настани. На ова Христов почнал необјасниво да крева паника и почнал да зборува без тек дека треба да се бега кон Албанија, дека народот треба да се евакуира и да се крие кај ќе стигне. Тоа неоправдано поведение на Христов го извадило од такт Матов кој му вперил пиштол во лице обвинувајќи го за создавање паника и за предавство. Тука работата се смирила но веќе пукнал муабет помеѓу охриѓани за текот на настаните. Тоа резултирало што истата ноќ два преполни чунови со бегалци го напуштиле Охрид заминувајќи кон селото Лин во Албанија. Помеѓу нив и Павел Христов…

И нему и на многумина им било јасно оти востанието од старт било осудено на пропаст. Како и Илинденското десет години пред тоа, така и ова било кренато предвреме, и не успеало да мобилизира повеќе од 4000 луѓе. И со таа сила покрај сета логистика од народот било невозможно да се спротивстават на српската регуларна војска и домашните србомански формации. На дваесетина километри источно од Охрид бил формиран одбрамбен бедем на височините на Петрово и Буково. Востаниците четири пати успеале да ги одбијат Србите, кои до 16 септември настапувале од Ресен, но тоа било се’ што можело да се стори.

Според Милан Матов, бедемот кај Петрово бил пробиен кога Србите со стратегиска измама убиле 27 востаници, а потоа уште толку од митралеско гнездо. Кај Буково позицијата ја оценил како слаба и по нецели 2 часа востаниците се повлекле. Една од грешките можеби ја направил самиот Чаулев кога ги поделил востаниците на 3 дела, но не бил без значење и ударот од зад грб, зададен од грчките војски кај Голак Планина. Наскоро Дебар, Струга, Охрид и Кичево биле повторно заземени од Србите. Четите биле расформирани.

СРПСКИТЕ ЗЛОСТОРСТВА

По влегувањето на Србите на овие простори настанал егзодус на 30 000 луѓе кои се дале во бегство пред српските убиства и пљачки. Биле убиени 100 луѓе само во Кичево и кичевско, македонски и албански првенци. 150 луѓе се жестоко претепани, кој каде бил дофатен. 17 од нив умираат од повредите. Во селото Пласница се убиени 46 луѓе а 5 куќи се изгорени до темел. Во битолско Ѓавато се убиени 40 луѓе, а труповите им се фрлани во бунари. Во Битола се затворени и ѕверски мачени 46 граѓани од кои 11 свештеници. Во Охрид биле веднаш обесени 40 видни граѓани, 8 свештеници и 5 учители. Покрај нив биле убиени уште 150 граѓани. Убиени се уште 500 Турци и Албанци. Голем дел од убиените се фрлени во длабокиот сув бунар до Имарет џамијата (се наоѓала врз темелите на светиклиментовиот храм на Плаошник). Потоа бунарот е затрпан со камења. Не знам дали е откриена оваа масовна гробница. Во одбраната на Дебар се убиени 300 востаници а стотици граѓани се убиени. Жените и децата од овие региони биле фрлани во огин, а мажите цивили биле редени во редици и така стрелани од зад грб. 80 села биле изгорени до темел. Ѕверства имало и надвор од овој регион. Така во кочанско се убиени 201 човек а 107 се жестоко малтретирани. Во Делчевско се убиени 212 луѓе, 87 се изчезнати. Во Пехчево 134 убиени. Матов бега во Албанија каде дознава дека Србите ја претепале мајка му, а куќата му била целосно опљачкана и срамнета со земја. Од Албанија оди во Трст каде со ‘Ориент експрес’ оди за Бугарија каде умира во 1962 година. Така завршува уште една крвава епизода од македонската историја.

ЗА ЧАУЛЕВ И МАТОВ

Војводата Петар Чаулев

Петар Чаулев е од Охрид. Според мемоарите на Милан Матов (кој не го сакал воопшто Чаулев) овој македонски војвода, всушност и не бил Македонец туку имал албанско потекло бидејќи неговата фамилија биле православни Албанци кои се преселиле од Албанија во Охрид и покасно се претопиле во домицилното македонско население. Бил своеглав, често недисциплиниран поради што на неколку пати бил осудуван од организацијата.  Бил избран за член на Ц.К. на ВМРО. При крајот на својот живот го потпишал исклучително значајниот Мајски манифест на Ц.К. на ВМРО од 6 мај 1924 година, кој го потпишал заедно со Тодор Александров (во име на Александров се потпишал Александар Протоѓеров) во кој почетокот гласи: „МАНИФЕСТ ДО МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, ДО ОРГАНИЗИРАНОТО РЕВОЛУЦИОНЕРНО НАСЕЛЕНИЕ ВО МАКЕДОНИЈА И ДО МАКЕДОНСКИТЕ РЕВОЛУЦИОНЕРИ. БРАЌА МАКЕДОНЦИ!…“

Убиен е во Милано на 42 годишна возраст…

Христо и Милан Матови од Струга, 1921 година

Милан Апостолов Матов, игнориран од македонската историја. Помлад брат на идеологот на ВМОРО, Христо Матов. Роден е во Струга 1875 година. На 20 години влегува во ВМРО. Храбар, лојален, чесен и пожртвуван човек за каузата. Од 1900 година станува член на струшкиот Околиски комитет. Во 1902 е уапсен и лежи во затворот во Охрид до март 1903. Учествувал во Илинденското востание во четата на Л. Групчев. Делегат е на Прилепскиот конгрес во 1904. Во 1905 станува член на Битолскиот револуционерен округ, а во 1907 претседател. Со оваа активност се јавува како еден од водачите на Охридското востание. Бил познат како човек од кој тешко се добивала милост. По завршувањето на комитаџиството се повлекува во Бугарија и умира на 62 години. Претходно во неколку наврати ја посетил родната татковина Македонија.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , , , , , , , , , , , , , , ,