Омер Калеши – кичевчанецот – граѓанин на светот

Категории: Кичево, Магазин, Слајдер

Старамајка ми беше Македонка и од мајка ми ја се македонски су учел. Татко ми беше Албанец. Ја су со пасапорт турски, 35 години живеам во Франција… Не зна што су, само мене ме интересира човекот и уметноста. Така се осеќа “ – Омер Калеши, 23 април 2004

Името на Омер Калеши е многу малку познато кај нас во Кичево. Неоправдано. Но во светот е препознатливо и го означува човекот кој црта глави.

„Не можа да излеза накрај со главите“ – вели во едно свое интервју дадено неодамна за време на неговата изложба во Даут Пашин Амам во Скопје. Одбележа јубилеј 50 години творештво и 80 години живот, а неговата енергија остана иста како она момче кое на дваесетина години го напушти родното Кичево. Тоа е тој, кичевчанецот – граѓанин на светот, кој никогаш не си го заборави родниот град.

Роден е во далечната 1932 година во селото Србица. Татко му бил Албанец, а мајка му Македонка од исламска вероисповед. Македонскиот му е мајчин јазик. Матурирал отсек електроника при средното техничко училиште во Скопје во 1950 година. 6 години подоцна емигрира во Турција. Таму влегува во светот на уметноста, поточно во 1959 година кога почнува со студии на Ликовната академија во Истанбул. За време на студиите, во 1962 година пет месеци патува низ Турција заедно со Ергин Колбек и Октај Аниланмерт. Извесни импресии од ова патување го инспирираат при креацијата на неговите платна ( на пример: чобаните). Три години подоцна ги завршува студиите на Ликовната академија во Истанбул во класата на професорот Бедри Рахми. Се преселува во Париз каде и денес живее и работи.

– Јас им припаѓам и на Македонците и на Албанците и на Турците. И, затоа секогаш кога имам некоја изложба во Париз, како ретроспективната во УНЕСКО во 2002 година што ја направи  Јордан Плевнеш кој тогаш беше амбасадор на Република Македонија таму, присутни се и амбасадорите на Република Албанија и на Турција… Сите работи што ги правиме ги правиме заеднички. Тоа е соединување. На тој начин – со уметничка соработка, со изложби, со книги… Затоа со него ја направивме оваа книга и на турски и на француски и на албански и на македонски. Тоа е многу убава работа – изјави Калеши по повод промоцијата на монографијата посветена нему, „Главата на Омер Калеши во светското сликарство“ од Јордан Плевнеш.

Изложувал десетици пати на 5 континенти. Во своите дела секогаш се обидува да го обедини разединетиот Балкан.

За него имаат изјавено:

„Треба да се чувствуваме горди што во нашата земја изникна и се создаде еден таков смел човек што има силна функција да го обединува светот.“ – Академик Луан Старова

„ Ако не постоеше Омер Калеши тој требаше да биде измислен бидејќи во овие децении на големи турбуленции е единствената трајна духовна вертикала, еден духовен свет врзан за вредностите на Балканот, човек кој што ги бранеше достоинствата на убавината на балканската цивилизација.“ – Јордан Плевнеш

Омер Калеши и Јордан Плевнеш на промоција на монографијата посветена на Калеши во Даут-Пашиниот Амам во Скопје, 18 септември 2012

Неговата голема желба била да се отвори галерија на негови слики во родното Кичево. За тоа во интервјуто дадено во декември 2012 година, вели:

– Добро, но ние мислевме да ја отвориме првата галерија во Кичево, во мојот роден крај, каде што за реализација на таа идеја работеа Климе Коробар и Јордан Плевнеш, кои беа заедно и во градот. Но ми се чини дека идејата таму не беше сфатена многу сериозно, а немаа средства тоа да го направат, иако постоеше локација во тамошниот Центар за култура. Пролетва јас се подготвував за таа изложба, но во меѓувреме во Косово идејата за отворање на галеријата беше сфатена многу сериозно и на нејзиното отворање беше промовирана и монографијата на Јордан Плевнеш, а јас им подарив и неколку мои книги. Во оваа галерија има 16 мои дела. Сакам дел од моите слики што се наоѓаат во Париз и во Турција (во Турција имам многу слики), на некаков начин да им ги подарам на 4-5 земји на Балканот со кои јас имам одредена врска со јазикот, со моето раѓање, со живеењето, со почетокот на моето уметничко творење. Мене ми е сепак чудно што оваа работа тргна од најмалата земја, од Косово, со која имам најмалку врски.

Денес има 80 години и продолжува да твори. Бог нека му даде уште многу сила и се надевам дека Кичево ќе добие постојана поставка со неговите дела! А зошто и да не го видиме летово на 20-та јубилејна Кичевска ликовна колонија во Куќата на уметноста?

Прилог, интервју со Омер Калеши на албански јазик за албанската телевизија Top Channel, снимено во неговото ателје во Париз.

Дел 1

Дел 2

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , , , , , , , , ,