Телефонска апликација за крводарители

Категории: Македонија, Слајдер

Крводарителите и оние кои сакаат да даруваат крв ќе можат да симнат апликација од веб страната на Фондот за здравствено осигурување www.fzo.org.mk и на Факултет за информатички науки и компјутерско инжeнерство (ФИНКИ) www.finki.ukim.mk и на тој начин ќе се регистрираат во базата, преку смарт телефон ќе добиваат информации за секоја крводарителска акција во која ќе можат и да учествуваат, односно ќе станат дел од системот на крводарители.

Апликацијата е дипломски труд на двајца студенти и може да работи на ајфон телефоните, виндоуз фон платформата, и андроид платформата.

– На пример, има итен случај, се креира настан, администраторот може да селектира корисници според неколку критериуми: далечина, крвна група, временска рапосложливост (пологично е да се повикаат крводарители кои подолго време не дарувале крв). Дарителот добива нотификација која се испраќа во момент на креирање на настанот, и треба да потврди дали ќе присуствува, ја гледа локацијата, оди таму и дарува крв, истакнаа на презентацијата студенти од Факултетот.

Тие посочија дека ако апликацијтата помогне барем еден човечки живот да биде спасен ќе знаат дека системот успеал и е корисен за државата.

Деканот на ФИНКИ, Димитар Трајанов рече дека апликацијата е придонес на Факултетот во општото добро за Македонија.

– Многу е битно што има апликација за мобилни телефони која ќе биде најдостапна кај младите и ќе помогнеме тие да се вклучат во една благородна мисија на дарување крв и спасување животи, истакна Трајанов.

Директорот на Институтот за трансфузиологија, Ристо Дуковски посочи дека корисниците кои ќе бидат во базата ќе може да добиваат информации за секоја акција, за времето и местото на одржување, потребите за крв од одредени крвни групи и на тој начин да бидат задоволувани и најитните побарувања која ќе има недостиг од некоја крвна група.

– Со информирање во службите каде има акција за дарување крв оние корисници кои се логирани од најблискиот регион ќе можат да присуствуваат на овие акции или да се јават во службите кои се најблиску до нив. Ќе има корист државата со обезбедување доволни количини крв, додаде Дуковски.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Маја Парнарџиева Змејкова истакна дека изминатиот период работеле на поттикнување на хуманоста односно крводарителството кај популацијата за спасување животи.

– Го поддржуваме овој проект. Ги повикувам сите кои сакаат да ја искористат апликацијата, да ја данлодираат на своите телефони. Институтот редовно ќе ја ажурира базата на податоци  и ќе информира кога и каде ќе има крводарителска акција, додаде Парнарџиева Змејкова.

Таа најави уште неколку настани кои се однесуваат на изработка на неколку регистри за ранлива категорија пациенти за кои, како што рече, Факултетот се согласил исто како и за овој проект, да ги реализира без никаков надоместок.

Директорот Институтот за трансфузиологија, Дуковски одговарајќи на новинарско прашање рече дека со оглед на тоа што секојдневно имаат акции во овој период располагаат со доволни количини крв.

– Не дозволивме да има недостиг од крв и крвни компоненти. Од минатата недела се зголемуваат резервите со крв и во целата држава, што е според планираното. Се надеваме дека и во наредниот период со оваа динамика ќе се обезедуваат потребните количини крв, додаде Дуковски.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , ,