Американскиот филм го запали муслиманскиот свет

Демонстранти пред Американската амбасада во Сана, Јемен

Стотици демонстранти денеска упаднаа во амбасадата на САД во јеменската престолнина Сана во протест против филмот, што од нивна страна е сметан за навреда на исламот, пренесоа светските агенции.

Гневните млади луѓе со камења ги испокршија прозорците на просториите на обезбедувањето надвор од амбасафата и преку главната порта насила влегоа во обезбедуваниот комплекс.

Очевидци раскажаа дека на територијата на амбасадата имало пожари, а чуварите пукале во воздух за да ги спречат напаѓачите, кои се разбегале, но подоцна пак се вратиле.

Според очевидците, на двете страни има неутвреден број повредени.

Демонстрантите запалиле автомобилски гуми и носат транспаранти со пораката „Алах е голем“, а некои се обидуваат да се префрлат преку оградата на комплексот.

Нападот во Сана се случува по нападот во вторникот ноќта врз американскиот конзулат во Бенгази, во кој беше убиен амбасадорот на САД во Либија и други тројца дипломати, забележуваат агенциите.

Независниот сајт „Мареб прес“ во соопштение наведува дека меѓу демонстрантите во Сана има настрадани од пукањето на обезбедувањето. Над зградата се крева чад; има запалени автомобили.

Агенциите јавуваат и за протести во градот Газа, каде десетици Палестинци го запалија американското и израелското знаме со повиците „Смрт за Америка!“ и „Смрт за Израел!“.

 Антиисламскиот филм предизвика немири и во Египет, а протест се оддржа и во квартот на Газа каде се наоѓаат канцелариите на меѓународни хуманитарни организации. Од безбедносни причини аза едно деноноќие беа затворени канцелариите на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци, Службата на ОН за координација на хуманитарните прашања и Светската здравствена организација.

Приближно 500 лица протестираа во близина на амбасадата на Швајцарија во Техеран, која ги претставува американските интереси во Иран, соопштија француските медиуми. Демонстрациите беа организирани од радикална исламска студентска организација. Над 200 полицајци од единиците за борба со масовни безредија и пожарникари им го попречија патот на демонстрантите да се приближат до амбасадата, чиј персонал беше евакуиран од безбедносни причини.