Google отфрли да го симне спорниот филм од YouTube

Гугл отфрли барање на Белата куќа да ја преразгледа одлуката да го остави достапен на ЈуТјуб трејлерот на антиисламскиот филм поради кој се одржаа масовни демонстрации против САД на Блискиот исток.

Интернет компанијата соопшти дека го цензурирала клипот во Индија и Индонезија, а претходно и во Египет и Либија каде демонстранти нападнаа американски дипломатски претставништва. Гугл соопшти дека вовел ограничувања за клипот заради локални закони, а не заради политички притисок.

Белата куќа одново побара од Гугл да преразгледа одлука дали клипот не ги нарушува условите на услугата на ЈуТјуб. Од Гугл соопштија дека видео-клипот не ги нарушува раководните принципи на компанијата.