Кичево во делата на странските патеписци – Едмунд Спенсер, 1850 година

Категории: Кичево, Слајдер

Англичанецот Едминд Спенсер бил капетан и многу патувал, пред се, во разузнавачки цели. Во 1850 година ја посетил и Македонија. Поминал крај Кичево. Интересно е што во неговиот патепис Спенсер наведува дека Кичево е местото каде порано се наоѓал градот „Скиртијана“. Познато е дека во Кичевската котлина се наоѓал древниот град Ускана (Хискана), чија локација сеуште не е точно утврдена. Изворот за овој податок не е наведен, но е доста интересен. Еве што друго пишува Едмунд Спенсер за Кичево во својот патепис:

“Напуштајќи ја прекрасната долина на Дреска, поминавме преку планината на пат за Критчово, древната Скиртијана, која денес претставува мало село што нема повеќе од стотина куќи. Се почувствувавме меланхолично гледајќи го прекрасниот и простран басен во кој беше сместено селото, каде што почвата очигледно беше мошне плодоносна, но малку обработена. Неколку напуштени села беа расфрлани во околината покажувајќи дека оваа област мора некогаш да била место каде што се одвивал некој смртоносен судир, а тоа било неодамна. Критчево е сместено во подножјето на еден планински венец, не многу висок, овде-онде покриен со шума, претставувајќи еден освежителен предел во овие области на Македонија, каде студениот гол камен често е главната карактеристика на пределот; иако овие планини некаде испреплетени со бројни плодни површини, мали долини или клисури, каде што течат водите на Зајас, Карасу, Кандрису и на неколку помали реки се влеваат во реката Вардар, сепак се чини дека земјата е добро прилагодлива за земјоделство; сепак единствените жители кои ги сретнавме на нашиот пат беа неколкумина номади со нивните стада.”

* * *
Спенсер го посетил Кичево во еден од најтешките периоди низ кој поминал градот. Имено во годините, непосредно пред да помине тука, Кичево било арена на еден од многуте крвави судири во Османлиската империја, кои се јавиле како последица на ослабнувањето на централната власт во Истанбул, а јакнењето на локалните паши, бегови, кои почнале да се одметнуваат. Во тоа време господар на Кичево бил Абди бег, веројатно лојален на султанот. Абди бег бил убиен од страна на Хамза паша од Скопје, кој потоа се населил во тврдината на Китино кале, по што почнал страшен терор врз локалното население. Се зборува дека во тврдината го опслужувале дури 400 слуги. Кога Ајредин паша успеал да го порази Хамза паша и да го заземе повторно Кичево, тврдината била запалена и разрушена. Потоа животот почнал да се враќа во нормала. Сево ова се случувало за време на одметнувањето на Али паша – Јанински, во првата половина на 19 век, време кога се случува феудална анархија во Османлиската имерија. Како причина било искористено укинувањето на јаничарскиот ред во 1826 година од страна на султанот Махмуд II, по што голем број на турски феудалци се одметнале и почнале со масовен терор во областите каде владееле. Поради тоа населението се повеќе ги напуштало селата преселувајќи се во градовите. Едмунд Спенсер несомнено бил сведок на периодот после феудалната анархија во Кичево.

Кичево, прва половина на XX век

Патеписот се чува во Конгресната библиотека во Вашингтон (САД), под шифра DR 14. S74 I-II. Текстот од англиски на македонски е преведен од Владимир Чупески, а објавен од Александар Матковски.

Во неговиот патопис се опишани уште 6 града во западниот дел на Македонија. Интересно е и што Едмунд Спенсер се сретнал со Робевци во Битола и Охрид, а во Струга со Димитар Миладинов.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics