Годишнина од загинувањето на Мирко Милески и неговите соборци на Буковиќ

Мирко Милески е добро познат на кичевчани. Жртвата која ја поднел заедно со уште 31 негов соборец се запишани како едни од најславните примери за слободата на Македонија. Загинал во одбрана на слободната територија која се протегала околу Кичево на денешен ден, 1 октомври 1943 година. Од 37 загинале 32 младинци. Во продолжение следи текст од книгата: „Кичевчани втемелувачи на македонската државност“ од Аце Сајкоски, базиран врз сведоштва на преживеани од тие настани.

* * *

На 1 октомври 1943 година состојбата околу Кичево на воен и политички план битно се менува во негативна насока. Од кај страната на Гостивар почнуваат офанзивни дејства организирани и предводени од Германци, придружени од балистите на Џемо на кои им се придружуваат балистите на Мефаил Шеху стационирани околу селото Бигор Доленци (Мефаил Шеху со неговата чета бил претходно помилуван и им се приклучил на партизаните, по ослободувањето на Кичево, 11 септември 1943 година. За помалку од еден месец си ја погазил „бесата“ и ги изневерува). Го напаѓаат обезбедувањето на Буковиќ. Во одбраната на слободната територија на Буковиќ се наоѓа четата на командирот Лазар Лазарески – Гоце и комесарот Мирко Милески – Урош, вкупно 37 младинци партизани. Спроти верскиот празник Бајрам, Албанците во четата на Мирко Милески се ослободени да отидат дома и да се одморат по повод празникот. Меѓутоа, тие не одат дома, туку се приклучуваат на Мефаил и заеднички удираат на малубројните партизани.

Споменик на херојот Мирко Милески пред гимназијата во Кичево која го носи неговото име

Во петокот, во раните утрински часови Мирко Милески – Урош по телефон од железничката станица Буковиќ му се јавува на командантот на место Левко Стефановски – Тарзан возбудено соопштувајќи му дека се нападнати од бројни непријателски сили. Добива задача да не прифаќа борба под такви услови и да се повлече. Меѓутоа, поради непостоење можност за повлекување прифатена е битка со непријателот на кого му се нанесени големи загуби во жива сила. Во ваквата жестока борба изгубена е скоро цела чета од 37 борци, од кои се спасуваат само петмина. 32 загинуваат на Буковиќ во борба или при отстапувањето.

По повикот од Буковиќ во градот набрзо се активираат слободните партизани и со два камиони се упатуваат на Буковиќ. Со баталјонот заминуваат заминуваат Јосиф Јосифовски Свештарот, Амди Демо, Ќемал Аголи и други. Пред пристигнувањето на подножјето на Буковиќ партизаните го среќаваат пушкомитралезецот Тренко кој соопштувадека четата на Мирко Милески е наполно уништена, баталјонот се распоредува на позиции, но е принуден да ги напушти поради силниот притисок на балистите.

Во одбрана на слободната територија од младинската партизанска чета, на „вечна стража“ останаа:

  1. Мирко Милески – Урош, комесар од село Попоец
  2. Лазар Лазарески – Гоце од село Леуново, командир
  3. Богоески Јордан од село Ехлоец
  4. Богданоски Борис од село Арбиново
  5. Дејаноски Трајан од село Кленоец
  6. Дебелјанов Душан од Урошевац
  7. Дукиќ Никола од Маврово
  8. Змејкоски Вело од Кичево
  9. Јованоски Соколе од Малкоец
  10. Јовески Душан од Јагол
  11. Јовески Мито од Јагол
  12. Јованоски Славко од Малкоец
  13. Јовески Крсте од Струга
  14. Јаковлески Цветко од Лавчани
  15. Лазарески Ило од Лавчани
  16. Маркоски Петраќија од Малкоец
  17. Митрески Милко од Малкоец
  18. Руски Никола од Струга
  19. Руски Круме од Паралово
  20. Силјаноски Спасен од Пополжани
  21. Софеска Олга – Мицеска од Кичево
  22. Стефаноски Петраќија од Иванчишта
  23. Стојаноски Дејан од Малкоец
  24. Стојаноски Стојан од Малкоец
  25. Стојаноски Левко од Попоец
  26. Трајаноски Санде од Кладник
  27. Трпески Василие од Попоец
  28. Трпески Иван од Попоец
  29. Трајаноски Јордан од Кичево
  30. Угриноска Мара – Гина од Маврово
  31. Ристески Девчо од Иванчишта
  32. Цветковски Таќо од Попоец

Следниот ден, 2 октомври, Германците и балистите со помош на бугарската авијација повторно го заземаат Кичево. Градот во следните година и половина уште неколку пати ќе преоѓа од едни во други раце. Подвигот и жртвата на 32 млади луѓе за слободата на Македонија засекогаш ќе остане длабоко во меморијата на кичевчани.

Олга Мицеска од Кичево. Пред војната уметник, за време на војната партизанка. Загинува на 1 октомври на Буковиќ за битката за одбрана на слобоната територија околу Кичево.По војната изграден е споменик на Китино Кале во нејзина чест. Урнат е набрзо бидејќи не соодветтвувал со „моралните погледи“ на комунистичките власти. Причината и не е баш најјасна.