Презентација на борбено возило за АРМ

Заменик-министерот за одбрана Емил Димитриев денеска  ќе присуствува на презентација на оклопното борбено возило КТО „Росомак“ 8х8, на армискиот полигон Криволак.

Возилото е полска верзија на италијанската Патрија. Тежи 22 тони, екипажот му е составен од 3 лица и може да носи дополнителни 8. Користи DI 12 Scania Diesel мотор. Опремен е со најсовремена борбена технологија и огнено оружје.

На презентацијата ќе присуствува и државниот потсекретар во Министерството за национална одбрана на Република Полска, Валдемар Скжипчак, како и државниот потсекретар во полското Министерство за надворешни работи, Богуслав Винид.

За време на промоцијата, гостите и претставниците на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија ќе се запознаат со возилото преку мултимедијална презентација, како и преку реална проба – управување и дејствување од купола (систем за контрола на оган, нишанење и стрелање со боева муниција).

Оклопниот транспортер КТО „Росомак 8х8“ опремен со купола ХИТФИСТ 30 мм е презентиран од компаниите „Бумар“ и „ВЗМ Сиемиановис“, во координација со Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, во периодот од 1-10 октомври.

Презентацијата вклучува преглед и иницијално запознавање на претставниците на МО и на АРМ со возилото, тестирање на возилото на асфалтни патишта, тестирање на интерните системи и техничките карактеристики, проверка на возилото на земјен пат, совладување на теренски препреки, ноќно возење, како и разгледување на сервисните можности.