ОМД: Да не се заборават неправдите кон Македонија по балканските војни

Категории: Свет, Слајдер

Вашингтон, Мелбурн, Австралија и Торонто, Канада – Денес, Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) и сите Македонци ширум светот ја одбележаа 100-годишнината од почетокот на Првата балканска војна – 8 октомври 1912 година.

– Војната беше почеток на масовно етничко чистење на Македонците. Таа доведе до неправедна поделба на етничка и географска Македонија. Војната предизвика огромно страдање на Македонците и многу биле присилени на егзил во други области на Балканот и во светот.  ОМД се поклонува пред сите жртви на Првата балканска војна и ги повикува сите Македонци да продолжат со борбата за човекови права на сите Македонци во светот, особено на Македонците во Албанија, Бугарија, Грција, Косово и Србија, за еднакви граѓански и човекови права, се вели во соопштението од Обединетата македонска дијаспора.

Оттаму ги повикуваат Македонците да гледаат кон иднината, да чекорат напред и никогаш да не ги заборават неправдите направени кон нашиот народ во текот на овој трагичен период од нашата историја.

Претседателот на ОМД, Методија Колоски смета дека е време да се стави крај на, како што истакнува, двојните стандарди својствени за многу историски настани и да се  едуцира јавноста за она што навистина се случуваше во Македонија и за вистината на Македонците за време на балканските војни и по завршувањето и потпишувањето на Букурешкиот Договор во 1913 година.

– Завршувањето на балканските војни го одбележа потпишувањето на Букурешкиот Договор кој истовремено значеше поделба на Македонија на три дела: Егејска Македонија, кој и припадна на Грција, Пиринска Македонија, дел кој и припадна на Бугарија и делот на денешна независна Република Македонија кој во тоа време и припадна на Србија.  Исто така помали делови како што се Голо Брдо и Мала Преспа кои и припаднаа на Албанија.  Денес Македонците се уште живеат во земјите на нивните предци т.е. Грција, Бугарија и Албанија, но тие се уште се подлежни на различи видови угнетување и репресии од страна на владите на истоимените држави, се вели во соопштението од ОМД.

Во пресрет на 100-годишнината од Втората балканска војна – 16 јуни 1913 година и потпишувањето на Букурешкиот Договор – 10 август 1913, ОМД ќе преземе проекти за  потенцирање и нагласување на последните 100 години на македонскиот развој и страдањето на македонскиот народ по донесувањето на Букурешкиот Договор.  ОМД исто така ќе организира конференција за истражување на импликациите и последиците од Договорот кои ги има на домашната и регионалната политика.

ОМД, како што се вели во соопштението, цврсто верува дека злосторствата извршени врз Македонците за време на балканските војни мора да бидат признати од страна на сегашните влади на Грција и Бугарија, и таквото признание да служи како помирување во регионот.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , ,