Хероите на нашето време: малата Надица со здраво срце се врати во Македонија

Малото бебенце од чија приказна затрепери цела Македонија, однесе победа и со здраво срце се враќа во Македонија, јавува Сител. Надица издржа две тешки операции и се избори за живот!

Ова бебе кое беше родено со срцева маана и напуштено од родителите, сега повторно се наоѓа на Детската клиника во Скопје.

– Двете интервенции беа успешни. Сега сите сме среќни, бидејќи гледаме едно детенце кое нема цијаноза околу усните, чие што срце работи и чука среќно и весело, спремно да биде во овој живот со нови сили и кон нови победи, изјави за Сител д-р Аспазија софијанова, директор на клиниката за Детски болести Скопје.

Не само вработените, Надица им стана миленик и на посетителите чии блиски се лекуваат на клиниката.

– Срце убаво, мало сонце, вака и се обраќаа луѓето кои беа дојдени на посета кај своите внуци.

Во следниот период здравствената состојба на ова четири месечно бебе будно ќе се следи на кардиолошкиот оддел при Детската клиника.

За тоа што ќе се случува понатаму со неа, ќе одлучи државата како нејзин привремен старател.