Бизнис дијаспората ќе отвори фонд за инвестирање во Македонија

Македонија 2025 и СЕАФ ќе формираат нов капитален фонд за инвестиции ориентиран кон раст на македонските претприjатија.

Формирањето на фондот СЕАФ Македонија I, го најави денеска организацијата на глобалниот инвестициски форум што се одржува во нејзина организација во Охрид.

Покрај инвестирањето, членовите на Македонија 2025, кои се група успешни претприемачи и извршни директори на светски бизниси кои имаат македонски корени и живеат во САД, Канада, Европа и Австралија, ќе им нудат и менторства и пристап до пазарите на македонските претприемачи.

– Ова е прв фонд од ваков тип каде дијаспората е катализаторот и водечки инвеститор кој става акцент на татковината и на регионот. Со огромно задоволство ќе соработуваме со СЕАФ со цел да направиме еден успешен фонд и да го трасираме патот за нови фондови. Нашиот одбор на директори е воодушевен од идејата да му помогне на СЕАФ во развојот на бизнис лидери и успешни бизниси во Македонија, како и да им овозможи пристап до нашата глобална мрежа на бизнис врски, истакна Мајк Зафировски, претседател на Одборот на директори на Македонија 2025, кој посочи дека нема никака политичка поврзаност помеѓу Македонија 2025 и политичките партии.

– Нашата цел е да се шириме како мрежа и да и помогнеме на нашата родна земја.  Не очекуваме ништо за возврат, само гордост и се надеваме дека Македонија ќе стане попросперитетна земја, рече Зафировски.

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, дијаспората досега не беше присутна со инвестиции,  но, како што рече, логистички помагаше во напорите на Владата за организација инвестициски форуми, воспоставување контакти со други компании кои сакаат да инвестираат, како на пример инвестицијата на „Кемет електроникс“, што вчера беше пуштена и поддржана од Мајк Зафировски.

– Досега имаше ваков тип на поддршка, но најавениот фонд ќе овозможи средствата да бидат инвестирани во нови компании, компании кои почнуваат со бизнис, истакна Ставрески.

Самитот го оцени како извонредна можност за приближување на ставовите и размислувањата за инвестирање во Македонија. Смета дека тој овозможува да се запознаат сите бизнисмени кои размислуваат за Македонија кои се приоритетите што се нудат за инвестирање. Рече дека е добро што на првиот панел е искажано задоволство од вкупните макроекономски резултати, економските политики на Владата.

– Сите оние кои денеска се тука и кои слушнаа за можностите што ги нуди Македонија, вклучително и ниските даноци, поволностите во слободните економски зони, ќе имаат можност преку директен разговор да се информираат каде можат успешно да ги пласираат своите срдства, да осварат инвестиции, да отворат фабрики и секако да отворат работни места, што е најзначајно за нас, изјави Ставрески.

Премиерот Никола Грувски на отворањето на Самитот, посочувајќи на активностите што ги презема Владата во потрага по странски инвестиции и за инвестициите кои се веќе реализирани и ги даваат ефектите, рече дека Македонија почна да се гледа како привлечна инвестициска дестинација како важна порта кон Европа на мултинационални компании.

– Ќе продолжиме со нашите напори во привлекување странски инвеститори и секоја ваша помош и поддршка и идеја ќе ни биде добредојдена, порача Груевски на Форумот и додаде дека Владата ќе продолжи со одржување здрави економски политики и спроведување  натамошни реформи кои подразбираат ниски даноци и придонеси и структурни реформи за подорување на бизнис климата.

Александра Тиман од ММФ ја нагласи добрата стратегија за привлекување странски инвестиции што ја спроведува Република Македонија и го акцентираше подобрувањето на бизнис-климата. Истакна позитивна оценка за перформансот на македонската економија, велејќи дека Република Македонија има пониско ниво на буџетски дефицит во однос на европскиот просек, како и ниска задолженост. Финансискиот пазар, според Тиман, е стабилен.

СЕАФ го воспоставува фондот како резултат на нивниот прв успешен фонд, СЕАФ Македонија, кој беше прв македонски инвестициски фонд и кој поддржувал компании како Тинекс, Он.Нет, Круг (Дневник) и Логин. Претседателот и ко-основач на СЕАФ Хубертус ван дер Ваарт изјавува: „СЕАФ верува дека македонските претприемачи се меѓу најдобрите во светот. Ние сме многу воодушевени од идејата да поддржиме нова група на претприемачи заедно со Македонија 2025, како и да го промовираме економскиот раст и развој во една од најубавите земји во светот.“

Покрај ова, од форумот ќе произлезат заклучоци кои ќе содржат препораки и очекувања од врвните бизнис лидери од Македонија и дијаспората, чија цел ќе биде да се поддржат, поттикнат и унапредат напорите за инвестирање во Македонија.

Мотото на Самитот, на кој има над 350 учесници, е „Нови можности: Преку бизнис дијаспората до зголемена трговија, инвестиции и економски раст“.