РК Кичево 10 остана без Моника Јанеска

По малку неочекувано Кичево 10 остана без својата најдобра ракометарка Моника Јанеска, која се пресели во турскиот Трабзон.

-И покрај нашите заложби да ја задржиме Јанеска до крајот на сезоната, сепак не се остварија нашите планови и пред време мораме да се раздружиме. Не сакавме да и застанеме на патот на оваа ракометарка да направи интернационална кариера и затоа ја ослободивме од обврските кон клубот. Впрочем со сите ракометарки имаме клаузула во договорот, ако најдат соодветен ангажман во странство, ќе ги ослободиме од обврските и сред сезона. И покрај тоа што со заминувањето на Јанеска ќе бидеме играчки ослабени , сепак на младата ракометарка и посакуваме многу успех во новиот клуб Трабзон од Турција – рече Миро Јолески,претседател на Кичево 10.

И покрај најавите од клубот дека сезонава ќе атакуваат на место кое води на Евро сцената, сепак заминувањето на Јанеска и претходно на Белеска, Срњакова и Николиќ ги прави овие планови нереални.

Моника Јанеска има 20 години и во претходната првенствена сезона беше најдобар стрелец во екипата на Гевгелија од каде што дојде во кичевскиот суперлигаш.

Денес во 16 часот РК Кичево 10 во салата „Јанчица“ ја пречекува екипата на Куманово.

Зоран Антоски

Извор: http://www.sportefe.com.mk