ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со заеднички кандидат за Кичево?

Категории: Кичево, Слајдер

Двете најголеми политички групации, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ праќаат позитивни сигнали за идејата да се поддржи заеднички кандидат за градоначалник на следните локални избори. Добра клима постои и во двата табори на локално ниво. Иако до изборите кои ќе се одржат во март 2013 година има 5 месеци, оваа тема изминатиов период е доста актуелна помеѓу кичевчани.

Дали, конечно, ќе има заеднички кандидат? Дали ќе се оди со единствена или со различни советнички листи, кој ќе биде принципот на соработка се прашањата кои треба да добијат одговор наредниве месеци.

„Кандидатот за градоначалник може да биде заеднички, а да одиме со посебни советнички листи. Врз основа на соодносот на добиените гласови на листите, ќе може да направиме и поделба на функциите во општината. Бидејќи сметаме дека овој принцип на соработка треба да биде долгорочен, во наредните три-четири изборни циклуси, предлагаме кандидатот за градоначалник да го даде партијата што во моментот ја има централната власт. На тој начин ќе се обезбеди поуспешна комуникација”, вели функционер од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додава дека на денот на изборите двете партии ќе мора добро да се организираат и на избирачките места, за да се спречи праксата на групно гласање и гласање во име на друг, што ќе биде на штета на македонскиот кандидат.

За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, во СДСМ велат дека се размислува за поддршка на  заеднички кандидат и истиот треба да биде прифатлив и за двете партии. Како најсериозен кандидат се јавува актуелниот градоначалник на Кичево, Благоја Деспотоски кој зад себе има резултати.

Дека топката помеѓу ривалите се симнува покажува и заедничката фотографија од 11 октомври на пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и членови на локалното раководство на СДСМ за време на положувањето на свежо цвеќе на спомен-костурницата на Китино Кале.

„11.Октомври, празник што обединува. Пријателска фотографија со Саше Митрески и членовите на О.О. СДСМ Кичево, пред спомен Костурницата – националните интереси пред партиските. Кичевчани за Кичево!“ – напишал Милошоски под фоторафијата

И во двете партии сметаат дека политичката конфронтација во другите општини ќе влијае на евентуалната соработка во Кичево. Стравуваат дека може да се случи гласачите да бидат збунети, но се надеваат дека ќе ги разберат причините за соработката. Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека кандидатите за градоначалници ќе ги утврдуваат во декември и дека тој период очекуваат да се интензивираат преговорите со СДСМ.

На последните парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ВМРО-НП и ЛДП заедно освоија околу 16.000 гласови, наспроти 11.800 гласа што ги освоија ДУИ, ДПА и партијата на Руфи Османи НДП.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , , ,