Тетекс секогаш непредвидлив противник за Напредок

Иако Напредок сеуште не може да го преболи незаслужениот пораз во Турново,сепак сино-белите ја продолжуваат борбата за што подобар пласман на табелата.Деновиве екипата на Напредок работи со вообичаениот ритам и со голем респект влегува во претстојниот првенствен натпревар против Тетекс.Повредата на Најдоски на претходниот првенствен натпревар е причина што младиот фудбалер ќе биде надвор од стројот и на овој дуел.

Во Напредок не размислуваат дека Тетекс е фенерџија во лигата и дека со бело знаме патува за Кичево,напротив очекуваат еден исклучително тежок и неизвесен натпревар, во кој и двете екипи влегуваат со свои сметки.Секогаш претпазливиот тренер на Напредок, Драган Бочевски и за овој дуел смета дека ќе биде тежок исто како да се игра и против лидерот на табелата скопски Вардар.

-Иако Тетекс е на последното место на табелата,тоа никако не значи дека за штофарите сезоната е предвреме завршена,напротив и сами сме сведоци со каков играчки потенцијал располага оваа екипа, кој допрва ќе ги потврди своите високи вредности.

Ние и покрај персоналните проблеми ќе се потрудиме да ја продолжиме беспрекорната серија пред нашите гледачи и би посакал да ја повториме ланската партија, кога на нашиот стадион ги поразивме тетовци со убедливи 4:0.

Но секој натпревар е нова сторија, така што во неделните 90 минути треба да докажеме дека сме поквалитетен состав и дека не случајно се наоѓаме во првата половина на табелата-рече кормиларот на Напредок, Драган Бочевски.

Мечот под Илиница започнува во 13 часот а делител на правдата ќе биде скопскиот судија Дејан Јакимовски.

И покрај најавите за врнежи од дожд и на овој натпревар се очекува добра посета и несебична поддршка за домашниот состав, да дојде до шестата првенствена победа .

Зоран Антоски

Извор: http://www.sportefe.com.mk