1200 стипендии за млади лица до 20 години

Владата за учебната 2012/2013 година ќе додели над 1.200 стипендии за младите лица, ученици и спортисти до 20 години, во насока на поддршка на развојот на младиниот ентузијазам, талентираноста и образовното и спортско надградување на младите лица значајни за нивниот развој, стимулација во процесот на нивната едукација, вреднување на нивните постигнувања. За оваа намена обезбедени се 35 милиони денари буџетски средства.

Стипендиите за редовно запишаните средношколци, информираше на денешната прес – конференција портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, се поделени во пет категории, од кои во три има зголемување на квотата за учебната 2012/2013 година. Така, 400 стипендии од по 1.500 денари се за социјална поддршка на ученици, со исполнување одредени критериуми, потоа 50 стипендии за талентирани ученици од 2.200 денари.

– Владата одлучи да се задржат и оваа година и дополнително предвидените категории стуипендии, а кај некои од нив има и зголемување на опфатот, потенцира Ѓорѓиев. Тој посочи дека оваа година наместо 90 стипендии доделени лани, ќе се доделат 150 стипендии за талентирани ученици спортисти, со месечен износ од 2.200 денари. Од вкупниот број, подвлече, 20 стипендии ќе се доделат за талентирани ученици – спортисти со посебни потреби.

За ученици со посебени потреби, кои оствариле просечен успех од најмалку 3,00 за оваа година се предвидени 50, наместо ланските 35 стипендии, во износ од 2.000 денари. Зголемен е и бројот на стипендиите за ученици-деца без родители и тоа од минатогодишните 30, годинава ќе се доделат 80 стипендии, во износ од 2.000 денари.

– Владата одлучи оваа година стипендија – спортска надеж да добијат и сите 111 од Спортската академија во средното фискултурно училиште „Методија Митевски Брицо“, кои учат фудбал, кошарка, ракомет и тенис, нагласи портпаролот Ѓорѓиев.

Прв пат оваа година стипендија-спортска надеж е предвидена и за спортистите од редот на лицата со посебни потреби врз основа на предлози од федерациите за спорт на слепите и глуви и наглуви лица, кои предложија 14 спортисти од оваа категрија.

Во насока на развој на спортот и стиумлација во остварувањето повисоки спортски резултати, Владата во текот на следните денови преку Агенцијата за спорт и млади ќе ја објави и листата на 500 лица кои добиле стипендии – спортска надеж, кои се доделуваат на спортисти младинци на возраст до 20 години, од 50 национални спортски федерации. Оваа ступендија изнесува 20 проценти од просечната плата или околу 4.200 денари.

Останатите 375 стипендии ќе им бидат доделени на спортистите до 20 години, предложени од националните спортски федерации во поедни спортови и тоа за индивидуалните врз основа на индивидуалните резултати, а за екипните спортови врз основа на учество во националната репрезентација на младинци.

– Целокупната оваа владина поддршка за учениците и спортистите покрај останатите бенефиции и финансиски надоместоци кои ги добиваат младите лица, како што се бесплатни учебници, бесплатен превоз до средното училиште, но и инвестиции во инфраструктурни потреби и објекти, училишта, спортски сали, опремување кабинети и над 150 други проекти, ќе значат нова стумулација за младите луѓе да учат и спортуваат, да обезбедат повисок степен на знаење и вештини кои ќе им овозможат идни опции во животот, рече владиниот портпарол Алексанар Ѓорѓиев.