Стeчаен управник на кичевски фирми осомничен за малверзации

Според извори од Министерството за финасии и од Управата за јавни приходи, стечаен управник од Гостивар правел сомнителни продажби во вредност од над три милиони евра на големи фирми во стечај, како и даночно затајување од над 150.000 евра, пишува денешен „Дневник“ врз база на документи од извршените контроли во фирмите. Помеѓу тие фирми се јавуваат и  „Kопачка“ – Kичево, „Kикотекс“ – Kичево и  „Kичево пром“ од Kичево.

Стечајниот управник Драган Филиповски раководел со најглемите фирми од полошкиот регион во времето на Југославија и почетокот на 90-тите години.

Филиповски со години (некаде од 2004 година) управува и располага со имотот на „Жито Шар“ – Гостивар, „Мермер“ – Гостивар, „Сувенир Самоков“ – Македонски Брод, „Полет“- Гостивар, „Kопачка“ – Kичево, „Kикотекс“ – Kичево и „Песјак“ – Македонски Брод, „Kичево пром“ од Kичево, чија вкупна вредност се проценува на околу 10 милиони евра.

Управата во април извршила контрола врз работата на стечајниот управник во сите осум фирми, а користела и податоци од нотари, Агенцијата за катастар, основните судови во Kичево, Тетово и во Гостивар и од банки со образложение дека Филиповски не соработувал со органите. Во документот потпишан од вицепремиерот Зоран Ставрески и директорот на УЈП Горан Трајковски евидентирани се даночни затајувања, незаконски продажби на имот и високи парични награди за Филиповски.

Стечајниот управник ги отфрла ваквите обвинувања велејќи дека двете институции не ги правеле процените за неговата работа согласно со законските прописи и тоа што е вообичаен начин за водење на стечајна постапка и продажба на имот на фирмите кои се во стечај.

– Сè уште не е готово, се работи за првичен извештај, поднесов жалба на нивните констатации и мислам дека ќе ги уважат моите забелешки. Не точно дека има даночни затајувања и незаконски продажби. – тврди Филиповски.

Во врска со тоа дека не соработувал со УЈП, објаснува дека инспекторката барала документи кои како такви не постоеле и дека тој е согласен да се направи проверка на целото негово работење.

Врз база на документите, Филиповски речиси во сите фирми откако ќе се утврди кој ќе го купи имотот, купувачот уплатувал одредена сума од договорената продажба на сметката на фирмата под стечај како депозит за учество во јавна набавка, односно депозит за учество на јавна лицитација. Остатокот од парите што требало да биде доплатен до износот на постигнатата цена нити се знае како, нити на кому се платени.

Филиповски и неговото работење особено било контролирано од аспект на тоа дали пресметувал и плаќал ДДВ за извршените трансакции.

Кај некои фирми УЈП утврдила дека Филиповески не пресметувал и не плаќал ДДВ при продажба на имот на фирмата под стечај на друга фирма која не ја продолжувала дејноста на претпријатеието, што УЈП го смета како основа за плаќање данок. Слично нешто се случувало и во „Кичево пром“, каде што контролата утврдила дека со неколку продажби во 2005 година во вкупна вредност од 420 000 евра не бил пресметан и платен ДДВ во вкупна вредност од 42 000 евра. Притоа Филиповски од сметката на „Кичево пром“ подигнал безмалку еден милион денари (17 000 евра) на име трошоци, но инспекторите на УЈП не нашле докази дека овие пари навистина биле потрошени поради трошоци на фирмата, па затоа ги сметале како личен имот со кој се стекнал стечајниот управник.

– Стечајниот управник неможе да знае дали купувачот ќе ја продолжи дејноста откако трансакцијата е спроведена за да знае дали да пресмета ДДВ. Од друга страна, кога се правени продажбите во сила беше членот 5 од Законот за ДДВ, кој вели дека кога продажбата се врши меѓу правни лица кои се даночни обврзници постои ослободување од ДДВ и тоа го наведов во жалбата и мислам дека треба да биде усвоено. Сите даноци се плаќаат додека стечајната постапка не е завршена и тоа зависно од тоа со колку пари се располага – објаснува Филиповски за Дневник.