Правниот факултет во Кичево запиша 50 постдипломци

Од оваа академска година, паралелно со тригодишните додипломски студии на Правниот факултет во Кичево, првпат се запишани и 50 студенти на постдипломски студии.

– На нашиот факултет запишавме и 50 студенти на постдипломски студии. Од оваа бројка 45 кандидати се запишани на деловно право и само пет студенти имаме на меѓународно право. По наше барање ректорската управа ни излезе во пресрет и ни обезбеди и четврти уписен рок, кој ќе трае од 12-ти до 19-ти овој месец.
Очекуваме во овој уписен рок да запишеме дополнителни 20 постдипломци, студенти што моментално се на самиот крај од редовните четиригодишни студии – рече Гоце Велески, секретар на Правниот факултет во Кичево.

Велески потсети дека на постдипломски студии можат да се запишат дипломци од сродните факултети: правен, економски, политички науки и новинарство.

Инаку цената на постдипломските студии изнесува 1.500 евра, по 500 евра за секој семестар и 500 евра за одбрана на магистерскиот труд.

Зоран Антоски

Извор: http://novamakedonija.com.mk