Феноменот Кичево на две тркала

Категории: Кичево, Слајдер

Кој можеше да претпостави дека токму во нас кичевчани лежела толкава страст за педалање? Па можеби и не е за чудење. Ние сме град на спортисти, авантуристи и „филмаџии“. Ако сакате да ги задоволите апетитите на сите три групи, дадете им точак и ќе видите што ќе се случи. Токму тоа се случува во Кичево во последниве 2 години. Кој ќе каже дека поскапувањето на горивата е причина – не ја кажува вистината. Феноменот Кичево на велосипед, т.е. бицикла, како што си ја викаме по кичевски.

Секој од нас возејќи накај Охрид или Битола затекнал понекој велосипедист по патот. Тоа е една од омилените маршути на велосипедистите, до Цер и назад. За многу од нас тие луѓе беа несекојдневна глетка, но со време дел од нас преминаа од другата страна на прозорецот, од четири на две тркала. Промена која и тоа како е позитивна.

Велосипедизмот е здрав спорт кој исклучително ја зголемува и физичката и психичката способност кај човекот. Заштитува од многу болести, пред се на кардиоваскуларниот систем. Практикувајќи го во природа, придобивките се многукратни.

Во Кичево минатите децении беше застапен, но вистинските посериозни почетоци се од 1998 година со формирањето на велосипедски клуб „SpeedBike“ од страна на Сашо Димитријоски кој исто така е и претседател на Велосипедската федерација на Македонија. Бидејќи Кичево нуди одлични можности за развој на велосипедизмот, во меѓувреме почнале да се организираат планински трки од Крушино па до манастирот Света Богородица Пречиста. За да се продолжи традицијата, токму наредната година, 2013-та, повторно ќе се организира ваква трка во Кичево.

Трофеј за трето место на државното првенство во 2004 година

Позабележително омасовување на спортот има тому во последниве години кога повеќето кичевчани почнаа да набавуваат и соодветна опрема и да возат на подолги релации, секако со поддршка на велосипедското друштво. Така, за овој период во Кичево се донесоа над 30 врвни велосипеди.

SpeedBike-Кичево е исто така организатор и на рекреативни маунтбајк тури како што е турата одржана на 22 април оваа година на која беа поканети велосипедисти рекреативци од цела Македонија, а на која сто присуствуваа повеќе од 70 велосипедисти… Таа планинска трка е прва рекреативна тура и е планирана да се стави во календарот на велосипедска федерација како настан од рекреативен карактер со пошироки размери, се со цел промоција на кичевските планини и велосипедски патеки.

Кичевските велосипедисти почнаа да учествуваат и на разни трки од кои донесоа трофеи и го валоризираа вложениот труд и средства. Забележително е учеството на „Трофеј 11 Октомври“ и „Трофеј Мариово 2012“ Овој успех беше поттик кичевчани од сите генерации да се вклучат во популарните групни возења. Радува фактот што помладите генерации „со време“ почнаа да возат велосипед и нивната активност ветува идни успеси.

Со поддршка и стрпливост на постарите членови, младите ги извозуваат зададените маршути до крај. Така, Матеј Софронијоски и Лука Димитријоски веќе започнаа да се натпреваруваат во т.н. „хоби категории“. Нивниот пример е одличен и вреди да се следи од сите родители кои размислуваат да го поттикнат сопственото дете да се бави со спорт.

Заслужува да се потенцира и фактот дека многу жени рамо до рамо застанаа со посилниот пол и рамноправно парираат во предизвиците на долгите трки. За неколку трки од по неколку стотини километри низ Македонија, низ текст и слики, пишувавме пред неколку недели (Кичевчани си направија своја Tour de Macedonia).

И велосипедизмот, како и секој друг спорт, носи нови пријателства. Така, преку свои контакти, кичевчаните го промовираа Кичево пред странски велосипедисти кои тука видоа големи можности за развој на овој спорт, особено на планинскиот велосипедизам. Во септември Руски велосипедисти го посетија Кичево и беа импресионирани. Неретко велосипедистите си организираат групни возења на зададена патека. Последното беше минатата недела, до Цер и назад во кое учествуваат околу 25 велосипедисти. Може да се приклучи кој сака, понесете само добра воља. Следната е веќе задутре, во недела. Успешно возење и што поголема масовност.

 

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , , , , , ,