Почнуваат големи инвестиции во железницата

На железничката станица во Куманово денеска стартуваа градежните работи за ремонт на железничките делници Куманово – Табановце и Миравци – Смоквица од Коридорот 10. Активностите се дел од владиниот проект „За целосен ремонт на делниците долж Коридорот 10“ во должина од 54 километри за кои се обезбедени 17,6 милиони евра.

Покрај Табановце-Куманово и Миравци-Смоквица наскоро треба да ревитализира и делницата Ногаевци-Неготино.

– Со почетокот на големата реконструкција на железничките пруги значително ќе се подобри функцијата на железницата, ќе се зголеми безбедноста на овој транспорт и ќе се овозможи побрзо движење на возовите до 120 километри чија што просечна брзина сега е од 40 до 50 километри, изјави премиерот Никола Груевски на одбележувањето на почетокот на градежните работи за ревитализација на пругите.

Ревитализацијата на пругите треба да биде завршена за една година, а ќе ги изведува германскиот конзорциум „Wiebe & Alpine“.

Покрај ревитализацијата на овие делници, укажа Груевски, почнати се подготвителни активности за ремонт на пругата Битола – Кременица што моментно не се користи. Со тоа повторно ќе се стави во употреба со што ќе се подобрат можностите за транспорт и превоз помеѓу Македонија и Грција. Нејзиниот ремонт, според премиерот, е значаен и за индустриската зона „Жабени“ кај Битола, а истовремено ќе се излезе во пресрет и на барањето на бизнис-заедницата за воспоставување железничка врска помеѓу Пелагонискиот регион и северниот дел на Грција.

Од Коридорот 10 предвидена е реконструкција и на железничката пруга на делниците Куманово – Дељадровце и Драчево – Велес, а ќе почнат активности и за рехабилитација и надградба и на поголемите железнички станици.

– Покрај инвестирање во нови и ремонт на старите пруги планираме набавка и на повеќе нови гарнитури на возови и вагони, за подобрување на безбедноста и сигнализацијата на пругите, за автоматска регулација на брзината на светлината, како и други проекти кои јасно ставаат до знаење дека работите во македонскиот железнички транспорт конечно се раздвижуваат на подобро, истакна премиерот Груевски.

Најдоцна до мај, најави,  треба да почне и изградбата на железничката пруга кон Бугарија на делницата Куманово-Бељаковце и веќе  се во тек подготовките.

Премиерот укажа и оти Владата почна проект за набавка на 150 вагони и 4 локомотиви. Во тек е избор на консултант кој треба да помогне за подготовка на тендерска документација. Кон крајот на првиот или почетокот на вториот квартал следната година треба да заврши анализата и да се објави тендерот за  набавка  и кон крајот на 2013 да се склучи договор за набавка на локомотивите  од кои поголемиот дел би пристигнале во  2014 година.

Според вицепремиерот Зоран Ставрески, во услови кога никој не може да прогнозира колку ќе трае европската должничка криза Владата на Република Македонија продолжува со напорите  да ја поттикне економската активност на земјата преку одржување високо ниво на капитални инвестиции.

– Финансиите за проектот во износ од 17,5 милиони евра се обезбедени во услови кога економската криза налага поголема конкурентност и инвестиции во железничката инфраструктура  како најекономичен начин на транспорт на стоките и затоа  за Македонија е значајно да се подобри брзината на стоките, безбедноста на железницата и на  Коридорот 10 и на Коридорот 8, посочи Ставрески.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески нагласи дека почетокот на градежните активности за рехабилитација на  пругите се многу значајни за  инфраструктурата и се само сегмент  од визијата на Владата за подбрување на состојбите во таа област. Владата реализира и голем број други  активности, меѓу кои и  реконструкцијата на делницата Куманово-Бељаковце од Коридорот 8 во должина од 30 километри и очекуваме крајот на месецов или почетокот на следниот да имаме и распишан јавен повик за градежна компанија која ќе работи на овој проект и во првиот квартал  наредната година да склучиме договор за градежни работи, наведе Јанакиески.

Веќе  се изработени, додаде, и физибилити студија и идејни проекти за поврзување  со Албанија  делницата Кичево-Лин и на почетокот на следната година да има повик на изработка на главен проект.

Градежните работи за рехабилитација на пругите од Коридорот 10 опфаќаат санација на долниот строј на пругата, подобрување на техничките карактеристики на горниот строј на пругата преку замена на трулите дрвени прагови со нови армирано бетонски како и  замена на шините и положување нов толчаник. Исто така, со проектот е предвидено обнова на горниот строј на девет патни премини во ниво и истовремено ќе се врши замена на постојаните стојалиштата со нови бетонски елементи.