Либерализација на постапката за регистрирање домени

Категории: Македонија

Постапката за регистрирање домени  ќе се олесни преку воведување систем на регистрари со што ќе се либерализира  пазарот. Со тоа, покрај кај Македонската академска истражувачка мрежа МАРНЕТ, граѓаните ќе може да регистрираат домени и кај компаниите што ќе ги исполнат условите да станат регистрари.

Тоа го најавија по денешната средба министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и директорот на МАРНЕТ Сашо Димитријоски.

Според Ивановски, со либерализацијата на домените сите компании  што се заинтерсирани да станат регистрари  во наредните неколку недели ќе може да се пријават  во МАРНЕТ.

– Кога МАРНЕТ како надлежна институција  ќе ги одобри  за регистрари, компаниите  во името на МАРНЕТ  ќе можат  електронски да ги продаваат домените за граѓаните, со тоа што секој ќе може да регистрира домен од кој било компјутер и пристап до интернет. Со регистрарите ќе се воведе и нов пазар во Македонија со конкуренција, а дополнителните услуги што ќе ги нудат ќе бидат апсолутно по нивен избор за да  може да привлечат што поголем број граѓани да регистрираат електронски домени, изјави Ивановски.

Во септември 2010 година кога МАРНЕТ почна да работи како независна институција имаше само 19.000  регистрирани домени, а сега има 35.500 регистрирани домени под доменот .мк.  Со либерализацијата, истакна Ивановски, очекуваме  поголем број прави лица  да го користат доменот .мк.,а не да го користат само .ком.

– Наш интерес е што  повеќе регистрирани веб страници да бидат на .мк. затоа што овој индикатор се мери во  голем број индекси, меѓу кои глобалниот индекс за иновации во ООН и ЕУ. Очекуваме дека со либерализација на овој сегмент на пазарот  ќе можеме да покажеме уште еднаш  дека имаме развиено информатичко општество и ова ќе биде првиот чекор на новини коишто ќе доаѓаат од МАРНЕТ, посочи Ивановски.

Директорот на МАРНЕТ  појасни дека се овозможува полесен начин на регистрирање домени со воведувањето на системот на работа  со регистрари. Ќе им се овозможи на приватните компании да регистрираат домени, што ќе значи олеснување на начинот за регистрирање за крајните корисници. Воедно, укажа, ќе се донесе нов правилник со којшто ќе се отстранат многу од ограничувањата што постоеја досега.  Цената останува непроменета и е една од најниските во светот.

– Работата со регистарите ќе биде регулирана со правилници и ќе мора да исполнат технички и правни критериуми. Граѓаните ќе можат кај  компаниите кои ќе бидат на списокот на акредитирани регистрари директно да  регистрираат свои домени, но ќе можат тоа и натаму да го прават и во МАРНЕТ, најави Димитријоски.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , ,