Во Кичево ќе се реконструираат повеќе староградски куќи

Со проектот на Владата на Република Македонија за реконструкција на фасади на објекти низ Републикава,по подолг период во Кичево ќе бидат реконструирани повеќе амбиентални куќи.

За таа цел во градот деновиве престојуваше екипа од Македонскиот конзерваторски центар, придружувани од еминентни професори од Архитектонско-градежниот факултет од Скопје.
– При нашата посета на Кичево главен акцент ставивме на куќите кои се наоѓаат на главната улица и во срцето на градот. Во наредните неколку години во Кичево ќе бидат реконструирани повеќе амбиентални куќи, а за 2013 година е предвидена реконструкција на куќата што се наоѓа на улица Јанко Михајлоски. Се работи за куќа која е изградена во неокласичен стил во 1932 година, која по оваа реконструкција ќе го добие автентичниот изглед од пред 90 години – рече Јован Ристов, од Македонскиот конзерваторски центар.
Претставниците на овој ценатр посочија дека во изминатите неколку децении повеќето куќи кои биле заштитени споменици на културата или се срушени или од забот на времето се уништени. Исто така, нагласија, сопствениците на куќите што треба да бидат реконструирани мора да знаат дека Центарот ќе изврши фасадна конзервација, додека за внатрешноста на истите треба да се погрижат самите.

Зоран Антоски

Извор: Нова Македонија