Пуштен во употреба локалниот пат Староец – магистрала Кичево/Македонски брод

Во Кичево денеска беше пуштен во употреба локалниот пат Староец – магистрала Кичево/Македонски брод.

За изградбата на патот, долг 2,5 километри, Министерството за транспорт и врски обезбеди 150 илјади евра, изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој присуствуваше на пуштањето на патот.

На средба со жителите на Староец Јанакиески разговараше за придобивките од изградбата на патот и за проблемот со водоснабдување.

– Разговаравме со месното население и за други проблеми што го мачат ова село. Рекоа дека имаат проблеми со водоснабдувањето за што им ветив оти наскоро ќе испратиме стручна екипа да им помогнеме да го решат овој проблем. Разговаравме и за други проблеми со кои се соочуваат и во рамки на можностите ќе се трудиме да помогнеме, рече Јанакиески.

На новинарско прашање за стартот на изградбата на автопатот Кичево-Охрид  министерот одговори дека Законот веќе е усвоен во Парламентот и ако се се одвива според планот работите би требало да почнат во првиот квартал од идната година.