Ретка снимка: Песна за кичевскиот војвода Лазор Груески

Категории: Мултимедија, Ризница, Слајдер

Стара народна песна испеана за војводата Лазор Груески, родум од село Белица. Снимката е направена во селото Пуста Река (крушевско), во 1988 година од страна на неговиот внук, Дејан Маркоски. Кога селаните дознале кој е човекот кој сака да го посети гробот на војводата му направиле топол пречек исепејувајќи му ја оваа песна која ја зачувале од своите предци во спомен на Лазор војвода, човекот кој ги чувал од репресиите. Ова е една од оние песни кои речиси сигурно би паднале во заборав ако не се забележани на ваква снимка.

ПЕСНА ЗА ЛАЗОР ВОЈВОДА

Бог да го бие Лазор Војвода

Што ми нарами тенкана пушка.

Што ми запаша острана сабја,

Па ми отиде во Вранештица.

Па ми пособра вранештичани,

Вранештичани све добри луѓе.

Ој, ој ви вие вранештичани,

Утре ќе ојме за Мечкин Камен.

Бог да го бие Герасимо,

Што му одговори на Лазора:

Ој, ој ти тебе Лазор Војвода

Вчера сум дошло дури од Влашко.

Вчера сум дошло дури од Влашко

Со мојта мајка и мојта жена

Со мојта мајка и мојта жена

Со мојте деца, деца малечки

Утре го чекам денот Петковден

Кој ќе ми чека милите гости

Што се налути Лазор Војвода

Па ми откачи Нагант револвер

Ој,  ој ти тебе море Герасим

Стануј на нозе, нозе јуначки

Тогај ми стана море Герасим

И ми нарами тенкана пушка

Па ми киниса Латоска бука

Сланечко село долу Пуста Река

Таму загинаја за слободата

За слободата на жална Македонија.

Војводата Лазор Груевски е роден во кичевска Белица. Во нашата историографија неоправдано е изоставен и малку се знае за него. Освен народните кажувања, за него во своите спомени пишува поп Тома Николов од село Вранештица.

Чешма во село Белица посветена на војводата Лазор Груески

Иако од него не е зачувана ниедна фотографија, преданијата зборуваат за Лазор дека бил висок, многу храбар и праведен човек. Освен против османлиите, се борел и против српската пропаганда во поречко. Никогаш не одбил задача која му била зададена од организацијата. Ги крстарел кичевски, поречките, демирхисарските и крушевските села, бодрејќи го народот да опстане и да продолжи да се бори особено по тешкиот период кој настапил после задушувањето на Илинденското востание кое во овие краеви го доживеало својот најголем зенит и најголема катастрофа.

Жители на селата Белица и Пуста Река пред гробот на војводата

Загинал заедно со неговите другари при судир со аскерот во опколеното село Пуста Река, на 27 октомври 1904 година. Од четата останал жив само 1 соборец. Загинале:

  1. БЕЛИЧКИОТ ВОЈВОДА ЛАЗОР ГРУЕСКИ
  2. ВИКТОР СПАСЕНОВ
  3. ГЕРАСИМ од Вранештица
  4. ТОМЕ ГРУЕСКИ
  5. КОЛЕ ЛАЗАРОВ
  6. КРСТЕ НИКОЛЕСКИ
  7. ЗЛАТЕ ТАНЕСКИ
  8. СИНАДИН МИЈАНОСКИ
  9. СТОЈКО АНГЕЛЕСКИ
  10. ЃЕНАДИЈА МАРКОСКИ
  11. ДИЧО ПАВЛЕСКИ
  12. КОСТАДИН ДИМИТРИЈОСКИ
  13. АРСО ЦВЕТАНОСКИ

Преживеал Стојко Богданоски од село Пополжани (кичевско).

Селаните ги зеле телата на загинатите и ги погребале достојно во селската црква Свети Никола каде и ден денес почиваат.

Овде почива Лазор Војвода

Оваа снимка нека биде причина некој од кичевските исполнители на народна музика да ја отпее оваа песна.

 

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics