Кои се најбогатите луѓе во Македонија?

Категории: Македонија

Петмина македонски бизнисмени се меѓу најбогатите луѓе во регионот според последната листа на магазинот „Форбс“.

Како што објавува „Утрински весник“ на листата се наоѓаат Минчо Јорданов, сопственик на „Макстил“, „Бетон“, „Факом“ и други фирми, Штерјо Наков, сопственик на „Фершпед“, Андреја Јосифовски, претседател на Управниот одбор на „Макпетрол“, Свето Јаневски, прв човек на М6 и Живко Мукаетов, директор на најголемата фармацевтска компанија „Алкалоид“.

Според проценките на магазинот, кој во составувањето на листите ја анализира вредноста на акциите што котираат на Берзата, најбогат меѓу нив е Минчо Јорданов со 27 милиони евра. Во „Макстил“, тој контролира акции вредни 18,7 милиони евра, во „Факом“ неговите акции вредат 6 милиони евра, а во градежната компанија „Бетон“ има удел со вредност од 2,4 милиони евра. Во 2012 година фирмите на Јорданов имале 50 милиони евра приходи, а 730.000 евра чист профит. Тој е сопственик и на винарската визба „Стоби“ во која досега има вложено над 20 милиони евра, на приватната клиника „Ремедика“ и на македонскиот шампион во ракомет, клубот „Металург“.

Штерјо Наков, сопственикот на шпедитерската компанија „Фершпед“, хотелот „Александар палас“, винарницата „Сковин“ и други фирми, е вториот на листата најбогати македонски бизнисмени. „Има удели во „Фершпед“ од околу 3 милиони евра, а преку оваа фирма контролира акции во други компании, вредни 10 милиони евра. Наков има удел и во фабриката „Европа“, кој се проценува на 2,3 милиони евра. Неговите фирми во 2012 година имале приходи од 76 милиони евра, за разлика од 2011 година кога приходите им биле повисоки за 6 милиони евра.

Претседателот на Управниот одбор на „Макпетрол“, Андреја Јосифовски, преку фирмата-ќерка, „Оилко“, ги контролира најголемиот дел од акциите во компанијата. На Берза тие вредат 5,4 милиони евра. Фирмата лани имала приходи во висина од 399 милиони евра, пет милиони евра помалку од 2011 година. Јосифовски, според „Форбс“, е еден од ретките бизнисмени во Македонија кој не ја крие платата која изнесува 140.000 евра годишно.

Македонски крал на пијалаците за магазинот „Форбс“ е Свето Јаневски. Тој долги години беше директор на Пиварницата во Скопје, а неговата компанија „М6“ во 2011 година им ги продаде акциите на „Кока-Кола Хеленик“ и „Хајнекен“ за 34 милиони евра. Јаневски е и сопственик на винарницата „Тиквеш“, каде што поседува акции вредни 6,9 милиони евра. „М6“ има акции и во „Охрид турист“ со вредност од милион евра.

Петтиот меѓу најбогатите Македонци и најмладиот на оваа листа на милионери е Живко Мукаетов, сопственик на „Алкалоид“. Тој во компанијата поседува акции со вредност од 7,3 милиони евра, а неговата сестра Билјана има акции од 5,1 милиони евра. Приходите во 2012 година биле 110 милиони евра, а нејзините акции се едни од најатрактивните на Македонска берза.

„Форбс“ заклучува дека во Македонија во последните години се поуспешно се води бизнис во телекомуникациите и енергетскиот сектор, а атрактивни се и фирми од фармацијата, трговијата, туризмот и производството на вино.

Македонските бизнисмени според богатството се далеку зад милионерите од регионот. Прв на листата најбогати е Хрватот Ивица Тодориќ, сопственик на концернот „Агрокор“, а по кој следува Словенецот Санди Чешко познат по „Дормео“ душеците и ТВ продажбата во Топ шоп. Подолу на листата се Србинот Миодраг Костиќ и „МК група“, Емил Тедески од „Атлантик група“, Мирослав Богиќевиќ од „Фармаком“ и други.

Листата на „Форбс“ за најбогатите луѓе на Балканот е составена врз основа на јавните податоци за вредноста на акциите кои тие ги поседуваат во фирмите што котираат на Берза.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , ,