Кичевските планинари традиционално го одржаа маршот до „Ѓурѓејца“

Присетувајќи се на долгата револуционерна традиција на македонскиот народ, денес се сеќаваме на една од поголемите битки во Илинденското востание – битката на Ѓурѓејца. Се одиграла пред точно 110 години на 4 Август 1903 година како една од најзначајните битки во кичевскиот револуционерен округ. Во таа славна битка победата ја извојувале востаниците на чело со Арсо Војводата, но сепак таа победа неминовно го дала својот данок во крв. Имено, на овој ден како залог за слободата на Македонија животите ги положиле над 30 востаници.

Планинарско-спелеолошкото друштво “Бистра“ од Кичево, повеќе години наназад го чествува овој ден. И оваа година традиционално се одржа маршот до месноста Ѓурѓејца. Почетокот беше од манастирот “Св. Пречиста“ продолжувајќи по традиционалноте шумски патеки се до ливадата на која се наоѓа скромниот споменик подигнат во чест на хероите.  На споменикот беше положено свежо цвеќе и беа запалени свеќи за покој на душите на загинатите борци за слобода. По комеморацијата планинарите на псд- “Бистра“ на овие високи летни температури, задоволни се вратија назад при што го посетија манастирот “Света Богородица – Пречиста“.