Кичево, 110 години Илинден: Подготовки за Илинденското востание во Кичевско [1]

Категории: Кичево, Ризница, Слајдер

Во чест на 110 години од кревањето на Илинденското востание и во спомен на херојството, пожертвуваноста и патилата на Македонскиот народ, Kicevo.Mk објавува статија во 4 дела посветена на Илинденското востание во Кичево и Кичевско. Текстот е на Душан Ристовски, објавен првично во 2003 година. Тука го дополнивме со фотографии од личностите и местата кои се споменуваат во тој текст.

Секогаш да се памети. Слава на сите кои несебично востанаа на 2 август 1903!

* * *

Кичево, почеток на XX век

Во седумдесеттите години од 19 век, а со се поголемиот продор на европскиот капитал во Турската империја, како и големата исцрпеност на Турција во Руско -Турската војна од 1877 година, турските власти ги зголемиле даноците не само над православното население ,туку и над турското население. Собирачите на данокот пројавувале големи самоволија, а најтешко им паѓал данокот ангарија, со кој данок цели семејства работеле на беговските имоти без никакви пари и со големи понижувања. За Горна и Долна Копачка овие самоволија постигнале кулминација и затоа се појавиле и првите никулци на отпор. Најнапред се појавиле поединечни отпори, а потоа се појавиле и ајдучки чети, кои го штителе населението од зулуми на качачките банди. На теренот во кичевско дејствувале повеќе ајдучки дружини предводени од водачите, Ѓорѓија од село Добреноец, Мирче од селото Јаорец, Микајле од селото Белица, Симо Нинев од Јагол Доленци.

Портрет со војводата Симеон Савев – Нинев (15 јануари 1841 село Јагол Доленци – ?) или познат како Дедо Симо, припадник на постарата генерација кичевски револуционери

Многубројните убиства, палежи и насилија ќе доведат во 1880 година во Кичевско да букне и познатата Брсјачка буна во која ќе земат учество повеќе ајдучки дружини, а за раководител на Буната, станал Ангеле Танаскоски од селото Цер Кичевско. Овој засилен отпор од населението во Кичево и кичевско, ќе го стави под своја контрола Револуционерниот комитет, кој започна со формирање на селски чети, со прибирање на оружје и разни намирници за потребите на востаниците. За сето тоа Везенков ќе забележи: “народот во Мариово, Порече, Кичевско, Прилепско и Охридско е веќе подготвен за востание”.

Вооружениот судир на четата на војводата Дуко Тасев со спахијата Муарем бег Ремко од селото Слп, во близината на селото Малкоец, во кој судир бил убиен Муарем бег, уште повеќе ја засилило одмаздата над мирното население. Секојдневно но 200 турски војници организирале потери со цел да се открие убиецот на Ремко. Селата Малкоец, Попоец, Кленоец биле ограбувани, селаните претепувани, додека селата Јудово, Козица и Брждани биле изгорени, а имотите на семејствата на војводите Дуко Тасев и на Јордан Пиперката сосема уништсни.

Јордан Пиперката неможел да го гледа секојдневното измачување на неговите најблиски, таткото, мајката, братот, како и своите соселани, заминал за Софија, но само за кусо време, а по добиените инструкции Пиперката се сретнал со Ѓурчин Наумов, како и со искусниот војвода Мирче Ацев од Прилепско, одново се вратил, во својот роден крај, ја собрал својата чета од кичевско и демирхисарско и ја започнал борбата за слобода. Насекаде му помагал на својот народ ги заштитувал селаните и бедните луѓе од оние што ги угнетувале. Во четата на Јордана за секретар бил испратен искусниот борец од Леринско Алексо Настев – Лечо.

Легендарниот војвода Јордан Сиљанов Пиперката (Козица 23 јуни 1870-10 август 1903, С’лп)

На 20 септември 1902 година со својата чета, составена од 13 борци се судрил со османската потера која броела 100 души, во близина на родното село Козица. Во овој судир. кој траел 3 часа, четниците на Јордана минале без загуби, а аскерот имал 4 мртви и повеќе ранети. Ваквите немили средби на Јордана Пиперката со зулумџиите на теренот зачестиле. Тој вешто се “маскирал” од честите потери, но движејќи се со својата чета бил сардисан во селото Брезово демирхисарско некаде околу 14 декември 1902 година по стар стил. За овој настан и опсада на Јордана, биле известени војводите Славејко Арсов и Ѓорѓи Сугарев, Дејан војвода од Дебарца охридско, кои преку планината Бигла се упатиле кон селото Смилево да му помогнат на Пиперката, во Брезово, но тука ја добиле веста дека Јордан се извлекол од опсадата и се упатил кон селото Велмевци. Јордан со својата храброст успеал да се извлече, фрлил запалено ќумбе полно со барут кон турската заседа, а од силната експлозија, настанала паника, а Јордан со двајца другари од дружината, под закрилата на ноќта се извлекол од опсадата. Таков бил Јордан.

“Јордан ми е свето дрво, него куршум не го дупи, него сабја не го сечи“ – народна песна

По опсадата сите војводи се сретнале, во селото Велмевци. Се собрале и војводите Тасе и Дејан од Дебарца, а потоа сите се упатиле во селото Илино. Пиперката многу се лутел на војводата дедо Андреа од Царско и на Тодор од селото Белица, кои биле оптужени дека сами го напуштиле селото Брезово и го оставиле Пиперката со двајца четници сами да се борат. Овој настан од Брезово добил силен одглас, но иако бил обвинет дедо Андреа од мало Црско и Тодор од Белица, војводите Славејко Арсов и Ѓорѓи Сугарев но извршениот разговор со другите борци од четата на Пиперката се дошло до заклучок дека Јордан по своја иницијатива останал сам во Брезово иако имал можност многу порано да се извлече со целата чета. Сепак било одлучено стариот и искусен војвода дедо Андреја Петров Блажески да замине на терен во Прилепско и Леринско, додека за Тодор од селото Белица, Пиперката издејствувал смртна пресуда, за настанот во Брезово и за други дела кон Организацијата бил осуден на смрт. Истата судбина ја доживеал и искусниот војвода од селото Цер, Силјан Пардов, го напуштил теренот во Горни Демир Хисар и бил упатен во Егејскиот дел на Македонија во селото Буф Леринско. Тој уште во навечерието на Илинденското востание загинал во селото Баница на 28 мај 1903 година. Во овој период на подготовки за претстојното востание, војводите од Кичевско дејствувале насекаде каде имале можност. Така учителот Арсение Петков од селото Козица Кичевско, заедно со своите другари од четата на Методија Патчев, Охридски војвода, по борбите кај селото Паралово, се самоубиле на 7 април 1902 година, само да не паднат живи во рацете на турската војска.

Текст: Душан Ристоски

Илустрација: Љупчо Зорески

>>>Следно: СМИЛЕВСКИОТ КОНГРЕС И ПОЧЕТОКОТ НА ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ [2]

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , ,